РАКОМЕТ

Женската ракометна репрезентација на Македонија го загуби првиот од двата пријателски меча со Србија (25-32), кој се одигра во Стара Пазова, а во рамките на подготовките на Србија пред настапот на претстојното Светско првенство (СП), во Шпанија. Иако по првите 30 минути Македонките постигнаа двојно помалку голови (10-20), сепак во вториот дел беа подобри и го добија со 15-13. Прв стрелец на средбата беше Моника Јаневска, со девет погодоци.
Вториот контролен натпревар меѓу двете селекции треба да се одигра денеска, исто така во Стара Пазова, кој повторно ќе биде од затворен тип.
Како што информираат од Ракометната федерација на Србија, на средбата присуствувале раководствата на двете федерации, а во пресрет на натпреварот била одржана и заедничка средба, на која се разговарало за меѓусебна соработка на полето на помладите играчки категории и тренерскиот кадар.
СП ќе се игра од 1 до 19 декември годинава, а Србија е во групата Б заедно со селекциите на Русија, Камерун и на Полска. Македонија не обезбеди пласман на СП 2021.