•   „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Кочани

Љупчо Папазов, кандидат за градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, на неодамнешните локални избори ја освои довербата на жителите на Кочани, па тој ќе ја предводи Општината во следните четири години.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во наредните четири години фокусот на локалната власт ќе биде ставен на модерен и одржлив развој на Кочани како град со хумани вредности и поголемо заемно разбирање и толеранција. Еден од претстојните суштински проекти е замената на главниот потисен цевковод од системот за водоснабдување, од бунарскиот систем Грдовски Орман кон градот, до клучката 1. Како еден од клучните и приоритетни проекти е и изградбата на нов јужен влез во градот Кочани од страна на обиколницата А3, делница што ќе го олесни сообраќајниот проток низ градот. Се планира и уредување на коритото на Кочанска Река од месноста Бавчалук до крајот на градот, а вакво слично уредување е предвидено и за реката Масалница во Оризари. Тој најави и изградба на старски дом, за кој веќе се создадени услови.
На локалните избори, коалициите „Обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ и „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, освоија по осум мандати, а движењето „Одлучно за промени“, предводено од политичките партии ЛДП и ДОМ, партијата Левица и Група избирачи Венко Крстевски освоија по еден советнички мандат.
Кочани е општината во која во Македонија се произведува најквалитетниот и највкусен ориз. Оваа општина е позната и по тоа што претставува најголем термален басен на води со високи температури на Балканскиот Полуостров. Во Кочани досега се направени 18 дупнатини, од кои 14 се самоизливни.


Дебар

Дебар конечно го доби својот градоначалник, по прегласувањето во неколку избирачки места. Па, така, според конечните резултати, жителите на општината за свој градоначалник го одбраа Хекуран Дука, кандидат за градоначалник од ДУИ.
Во кратка изјава за „Нова Македонија“, тој нагласи дека во четиригодишниот мандат приоритети на кои ќе работи се водата за пиење, уредувањето на градската депонија, реконструкција на застарената градска инфраструктура и градење нови патишта. Дука исто така нагласи дека ќе се гради фекална и атмосферска канализација, нов паркинг и уште многу други проекти.
Советот на Општина Дебар е составен од 15 советници, од кои шестмина се од ДУИ, пет се од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, двајца од СДСМ и двајца од ВМРО-ДПМНЕ.
Општината Дебар е најпозната по Дебарско Езеро. Тука се наоѓаат и Дебарските Бањи, а во општината сѐ уште живеат изумрените занаети, како терзии и дограмаџии. Исто така познати се и дебарските мајстори ѕидари, како и дебарските тапанџии и зурлаџии.


Митко Јанчев

Кавадарчани по вторпат го одбраа Митко Јанчев за предводник на општината Кавадарци во следните четири години. Тој на неодамнешните локални избори беше кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Јанчев истакна дека ќе ја продолжи динамичната тенденција на развој на општината Кавадарци, како атрактивно место за живеење, стекнување образование, развој на претприемаштво, како модел за добро и ефикасно управување, заснован врз традиционалните општествени вредности, но и на иновативност. Тој нагласи дека водечките, најголеми и клучни проекти во идниот четиригодишен мандат ќе бидат бесплатен оброк за секој ученик до петто одделение, гасификација – изградба на примарна гасоводна мрежа во Кавадарци во должина од 16 километри, покриен базен со спа-простор „Ла луна“, изградба на нова 3Д-киносала, изградба на заобиколница Маренски уши – Дрекслермаер – Југокомерц – Катуниште, како и изградба на нова филтерска постројка на водоснабдителниот систем. Јанчев нагласи дека ќе работи на доградба на спортската сала „Јасмин“ и изградба на адреналински парк. Во следните четири години ќе работи и на отворање нов граничен премин Мајден -Пуљевац со Грција, како и на дестиларница во функција на надминување на проблемите со откуп на винско грозје. Ќе се градат и фотоволтаици за производство на струја на Кожув Планина, дом за стари лица, центар за лица со посебни потреби, а ќе се поддржуваат семејни винарници и вински туризам. Тој најави изградба на стационар за згрижување бездомни кучиња и изградба на трговски центар.
Во Советот на Општина Кавадарци има десет советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, пет советници од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, еден советник од Левица, двајца советници од една независна советничка листа и еден советник од друга независна советничка листа.
Кавадарци е центарот на Тиквешијата. Оваа општина е најпозната по Музеј-галеријата, која има образовна улога, со цел да развива интерактивна комуникација со посетителите и преку презентација на движното и недвижното наследство да привлекува поширока публика. Во рамките на музејот дејствуваат археолошко, етнолошко, историско одделение, одделение за заштина на споменици на културата, оддел за историја на уметност и галерија, каде што годишно се случуваат десетина изложби, спомен-соба на Васил Хаџиманов и спомен-соба на Никола Бадев. Музејот исто така има и неколку постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска поставка и поставка за традиционално приготвување храна и вино.


Брвеница

На неодамнешните локални избори што се одржаа во земјава, жителите на општината Брвеница својата доверба за градоначалничкото место му ја дадоа на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Јовица Илиевски.
Во кратка изјава за „Нова Македонија“ тој нагласи дека граѓаните на општината во наредните четири години ќе ги почувствуваат промените во насока на создавање подобри услови за живеење во секое населено место, преку реализација на голем број проекти и со голема вклученост и транспарентност во работењето пред граѓаните. Фокусот ќе биде ставен на економскиот развој на општината, подобрување на патната, комуналната, образовната и спортската инфраструктура. Илиевски истакна и дека ќе се залага за воведување концепт на зелена и чиста општина, изградба на мини-паркови за деца, функционален систем за социјална заштита, парична помош за секое новородено дете во општината, што ќе започне да се реализира од почетокот на 2022 година, а ќе работи и на развој на туризмот, организација на културни настани низ населените места и др. Ќе се врати во функција фудбалскиот стадион, ќе се реконструира и пушти во функција спортската сала „Македонија“, ќе се обезбеди патот Стенче – Гургурница со заштитна ограда и многу други проекти.
Советот го сочинуваат 15 советници, кои доаѓаат од пет политички партии, и тоа: пет советници од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, два од СДСМ и коалицијата, три од редовите на ДУИ, три од коалицијата Алијанса и Алтернатива и два советника од редовите на Беса.
Општината Брвеница е лоцирана во непосредна близина на Тетово, а позната е по археолошкото наоѓалиште од неолитот – Тумба. Бидејќи селото се наоѓа во Пoлошката Котлина, една од најплодните рамници во земјава, населението од селото се занимава со полјоделство, овоштарство и интензивно сточарство.