СВЕТСКИ КОНГРЕС ЗА ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ

Трета награда за Зоран Гавриловски

Истакнатиот македонски велемајстор за шаховски композиции Зоран Гавриловски освои трета награда на официјалниот еднонеделен турнир во помошни матови во 2,5-3 потези, во рамките на Светскиот конгрес за шаховски композиции (СКШК), на Родос (Грција). На конгресот беше одржано и Светското првенство во решавање шаховски композиции (како и други турнири во решавање и составување шаховски композиции), на кое екипно победи Русија, пред Полска и Србија, а најдобар решавач беше младиот Русин, Данила Павлов (19). На СКШК 2021 беа доделени награди и за претходните светски купови (СК) во составување шаховски композиции, а на кои Гавриловски освои две бронзи во 2020-та и едно сребро во 2021 година. Г.И.


Гидеј постави светски рекорд во својот прв атлетски полумаратон

Летесенбет Гидеј (23) од Етиопија постави нов светски рекорд во полумаратон за жени, на трката во Валенсија, со време од 62 минути и 52 секунди. Таа за 70 секунди го подобри претходниот рекорд на трката долга 21,09 км, поставен од Кенијката Рут Чепнгетич. Втора на полумаратонот во Валенсија беше нејзината сонародничка Јалемзерф Јехулав (63,51 минути). Гидеј е и светска рекордерка на 5.000 и на 10.000 метри.
– Многу сум среќна што го соборив светскиот рекорд во мојот прв полумаратон – изјави Гидеј. Г.И.


ФУДБАЛ
Клоп најбрзо до 200 победи како менаџер на Ливерпул

Со триумфот над Манчестер јунајтед (5-0), Германецот Јирген Клоп ја прокнижи 200. победа како менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, најбрзо од сите претходници на оваа функција во клупската историја. На Клоп му беа потребни 331 натпревар за да ја надмине играчката и менаџерска легенда Кени Далглиш, кому до 200 победи му беа потребни 333 средби. Клоп е петтиот менаџер на „црвените“ што има 200 победи на тренерската клупа, по Далглиш, Боб Пејсли (345 натпревари), Бил Шенкли (380) и Том Вотсон (431). Во тие 200 победи се вклучени и две на пенали, против Челси во Суперкупот на УЕФА и против Арсенал во Карабао-купот во 2019 година, како и двата на кои го заменуваше Нил Кричли.
Клоп пристигна во Ливерпул во октомври 2015 година, на местото на Брендан Роџерс, кој во двете сезони за малку не ја освои титулата во сезоната 2013/2014. Во првата преодна сезона на Клоп, 2015/2016, беше освоено осмото место, најниска позиција во историјата на Премиер-лигата. Во следната сезона Клоп успеа со својата екипа да се најде меѓу најдобрите четири и да остане таму, притоа во следните сезони да ги освои Лигата на шампионите (ЛШ), Премиер-лигата, Суперкупот на УЕФА и клупското Светско првенство. Л.Д.