Два милиони евра норвешка помош ќе добие Македонија од кои дел ќе бидат искористени за подготовка за пристапните преговори кои земјата треба да ги започне со ЕУ во јуни следната година.
Договорот за соработка со кој се обезбедува помошта денеска во присуство на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Аудун Халворсен го потпишаа норвешкиот амбасадор во Македонија и претставник на УНОПС, Канцеларијата за услуги на проекти на ОН, преку која ќе се реализира договорот.
Вицепремиерот Османи истакна дека Норвешка е потврден и долгогодишен партнер и еден од најсилните поддржувачи на македонските евроатлантски интеграции. Грантот од околу два милиони евра е дел од регионалниот проект за социоекономски развој за проекти за единиците за локална самоуправа, дел од кои ќе оди и за СЕП за воспоставување на мрежата за преговори со ЕУ за подготвување за влегување во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
– Оваа помош и поддршка не само што е навремена, бидејќи нема поголем приоритет за државата од преговотите за членство во моментот, туку е и на право место во СЕП. Втор добар момент е што ќе се реализира преку Канцеларијата УНОПС. Оптимисти сме дека овој проект ќе се реализира ефикансо и дека ефектите ќе бидат значителни, рече Османи заблагодарувајќи се за поддршката.
Халворсен истакна дека грантот е наменет за помош на социекономскиот развој и евроатлантските интеграции со цел да се обезбеди процесот на пристапување на земјата во ЕУ да се одвива што е можно побрзо и поефикасно.
– Клучни приоритети ќе бидат градење на капацитетите на СЕП, поддршка за главните поддржувачи и јакнење на експертизата на министерствата вклучени во овој процес. Свесни сме дека преговарачкиот процес ќе биде полн со предизвици, но доколку земјата-кандидат добро ги подготви административните капацитети ќе биде во многу подобра позиција да го води процесот на најдобар можен начин. Норвешка во два наврата почна преговри со ЕУ, и иако не сме членка на ЕУ имаме искуство од прва рака, рече норвешкиот државен секретар.
Нагласи оти ова е единствен момент за Македонија, која се наоѓа на историска пресвртница и најави дека норвешката влада ќе продолжи силно да ги поддржува евроинтеграциите на земјата и во иднина.
Државниот секретар во норвешкото МНР Халдурсен во рамки на дводневанта посета на Македонија вчера имаше средба со државниот секретар во македонското МНР Виктор Димовски.