Во најголемото албанско пристаниште Драч, откриена и запленета е нова количина кокаин во контејнер со банани, нарачка за компанијата „Алба егзотик фрут“ од Тирана.
Полицијата информираше дека била извршена детална контрола во два од контејнерите натоварени со банани, кои пристигнале од Еквадор, во име на споменатата компанија.
– Како резултат на деталната контрола, во последниот дел, на капаците на моторите за ладење во двата контејнера, пронајдена и запленета е количина од 10 килограми и 185 грама сомнителна наркотична супстанција кокаин, објави полицијата.
Се додава дека ова е последователна количина кокаин откриена од властите во ова пристаниште, а петта по ред во контејнери за спомената компанија.
Претходно, при контрола на контејнери со банани, натоварени исто така во Еквадор, на 13, 23 и 30 јули и 7 септември беа откриени вкупно 34 килограми кокаин, сите нарачка на компанијата „Алба егзотик фрут“, чиј сопственик е во бегство, а во притовор е менаџерот на компанијата.
Количина од 7 килограми кокаин беше откриен на 7 август во контејнер натоварен со морска храна, исто така, во Еквадор, во име на компанијата „Fish Co Tirana“. На 18 јуни беа запленети 324 килограми кокаин, во камион натоверен со железо со крајна дестинација Италија, со кој управувал Н.А., македонски државјанин.
Од март досега, според полициски извори само во ова пристаниште запленети се над 1,5 тони кокаин.