ШАХ – ОКТОМВРИСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
Карлсен 124-ти пат прв, Фирузја и Рапорт првпат меѓу првите 10
Алиреза Фирузја (18) од Франција и Ричард Рапорт (25) од Унгарија првпат се најдоа меѓу првите 10 на рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за октомври. И двајцата се со ист рејтинг, 2.770 поени, и се на 9-то, односно 10-то место. Фирузја е еден од најмладите шахисти што некогаш биле меѓу врвните 10 (Русинот Гари Каспаров во јануари 1981 година беше шести во светот со 17 години, Норвежанецот Магнус Карлсен во март 2008 година беше петти, исто така, на 17 години).
Со рејтинг од 2.855 поени, светскиот првак Карлсен 124-ти пат во низа е број еден во светот. Тој одигра 13 партии во септември и не освои и не загуби рејтинг-поени. Кај жените Кинезинката Хоу Јифан (рејтинг 2.658) и понатаму е прва. Кај македонските шахисти и понатаму највисокорангиран е велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.577, а 312-ти во светот), пред ВМ Никола Митков (2.514) и интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.490), а кај шахистките ЖФМ Моника Стојковска (2.066). Во светот прва е Русија (2.731 рејтинг-поен на првите 10 шахисти), пред САД (2.712) и Кина (2.699). Македонија е 52. (2.460) од вкупно 163 репрезентации. Г.И.
ФУТСАЛ
Португалија на европската титула ја додаде и светската
Португалија е новиот светски првак во футсал, по победата со 2-1 над Аргентина, светскиот првак од 2016-та, во финалето на Светското првенство (СП) што се одржа во Каунас, Литванија. За актуелниот европски првак Португалија ова беше прва титула светски шампион. Најуспешен е Бразил со пет трофеи, Шпанија има два, а Аргентина еден.
Португалецот Рикардињо (36) ја доби „златната топка“ за најдобар играч на турнирот, а Бразилецот Ферао беше најдобар стрелец со девет гола. Третото место го освои Бразил, кој во малото финале беше подобар од Казахстан, 4-2. Бразилците постигнаа барем по еден гол на секој од 67-те одиграни натпревари на СП. Со четирите гола што ги постигнаа против Казахстан, тие стигнаа до бројката од вкупно 428 погодока. Ниту една друга репрезентација нема постигнато повеќе голови од Бразил, односно повеќе голови во просек по натпревар (6,38).
Првото СП во футсал се одржа во Холандија во 1989 година. Од 1992 година СП се одржува секои четири години. До СП 2008 во Бразил, на завршниот турнир настапуваа 16 репрезентации, а оттогаш по 24. Л.Д.
Барселона игра за четврти трофеј во низа
Натпреварувањето за светската клупска титула, Суперглоуб на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), се враќа по едногодишно отсуство, а Барселона ќе игра за рекордна четврта титула по ред, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница. Шпанскиот клуб пристигна на турнирот во Саудиска Арабија, како актуелен шампион на Лигата на шампионите за мажи.
На 14-то издание на турнирот ќе играат 10 екипи, а од Европа уште два други тима, данскиот Алборг, финалистот во Лигата на шампионите, и Магдебург од Германија, победник на првото издание на Лигата на Европа во минатата сезона. Сите шест континентални конфедерации се претставени на Суперглоуб, кој почнува денеска со два натпревари од плејофот пред четврт-финалето и завршува в сабота со финалето.
Турнирот не се одигра во 2020 година поради пандемијата на коронавирусот. Барселона победуваше на Суперглоуб секоја година во која се одржа турнирот од 2017 година, вкупно пет пати. Ниту еден друг тим не триумфирал повеќе од двапати, пишува ЕХФ на својата интернет-страница.