Фото: Игор Бансколиев

Во ексклузивното интервју за британскиот весник „Телеграф“, Киеза говори како речиси го напуштил фудбалот на 14 години, затоа што му било кажано дека е „мал и слаб“, за тврдењата дека ќе стане најдобар играч во Европа, како се чувствува следејќи ги стапките на познатиот татко Енрико, како и за триумфот на Италија на Европското првенство

ФЕДЕРИКО КИЕЗА, ФУДБАЛЕР НА ЈУВЕНТУС И НА ИТАЛИЈА

Федерико Киеза, напаѓачот на Јувентус и на Италија, да не беше фудбалер, веројатно ќе беше физичар.
Имам две страсти, едната е фудбалот, а другата универзумот. Отсекогаш било така. Мислам дека тука станува збор за мистериозниот дел. Да, знаеме многу, но не ја знаеме целата приказна и затоа постои точка каде што сме, но треба да откриеме многу повеќе. Тоа е мистеријата што ме фасцинира. Што е надвор од границата на универзумот? Ме тера да размислувам многу – вели Киеза во ексклузивното интервју за британскиот весник „Телеграф“.
Киеза (23) говори како речиси го напуштил фудбалот на 14 години, затоа што му било кажано дека е „мал и слаб“, за односот кон социјалните медиуми, за тврдењата дека ќе стане најдобар играч во Европа, како се чувствува следејќи ги стапките на познатиот татко Енрико, како и за триумфот на Италија на Европското првенство (ЕП) годинава.
– Финалето со Англија беше неверојатно, нели? Тоа беше најубавата ноќ во мојот живот. Обично не примаме гол рано, беше тешко. Но нашиот менталитет ни помогна да се справиме со тоа – се потсетува Киеза.
Тој има многу пофални зборови за Англија.
Беа неверојатни. Финалето беше 50-50, се изведуваа пенали и Џанлуиџи Донарума беше најдобриот играч, одбрани два пенала и заслужи да биде играч на натпреварот – вели Киеза.
Кога Донарума го одбрани последниот пенал на мечот настана хаос.
– Половина играчи плачеа, а другите трчаа низ теренот обидувајќи се да го прегрнат Донарума. Но потоа сите плачеа, сите беа полни со емоции. Се оствари сонот – вели за тие мигови Киеза.

ТАТКО И СИН СТРЕЛЦИ НА ЕП

Неговиот гол во осминафиналето против Австрија значеше дека Енрико и Федерико Киеза се првите татко и син што постигнале гол на ЕП. Енрико Киеза беше еден од најдобрите италијански напаѓачи во својата генерација, играјќи на два големи турнира, вклучувајќи го и ЕП 1996. Тој е поранешен соиграч на селекторот на Италија, Роберто Манчини.
– За моето семејство тоа беше голем момент, нашето презиме стана познато во целиот свет, си обезбедивме место и во историјата на фудбалот. Многумина ме прашуваат колку е тешко да се има татко што играше на високо ниво во националната селекција, во Парма, кој освои европски трофеи, Купот на победниците на куповите, Купот на УЕФА, Купот на Италија? Секогаш велев дека воопшто не чувствувам притисок, бидејќи татко ми ми помогна да стигнам до точката каде што сум денес. Бев фокусиран само да се обидам да го остварам мојот сон, да играм во Серија А. Споредбата помеѓу нас се прави секој ден. Тој беше централен напаѓач, јас сум крило. Стигнав до моментот кога можам да кажам дека ми е сеедно дали играм лево или десно – вели Киеза Помладиот.

ИМАМ ГОЛЕМА ЖЕЛБА ДА ОСВОЈАМ ПОВЕЌЕ

Во раната младост, негов „идол“ беше Кака. Во неговиот прв клуб, Фиорентина, тренерот на младите, Федерико Гуиди, го терал да ги проучува видеата со Арјен Робен и со Франк Рибери.
Се сеќавам дека ми покажуваше како да се пробијам внатре – се сеќава Киеза.
Сезоната почна за Јувентус.
– По освојувањето на ЕП, ќе има поголем притисок врз мене и врз моите соиграчи, но тоа е она што го сакаме. Затоа решив да дојдам тука. Барањата се повисоки во Јуве, затоа што сакаме да освоиме сѐ и тој притисок е цената што треба да се плати. Бев многу среќен лани кога дојдов тука, ги знам Џорџо Кјелини, Леонардо Бонучи, сите играчи, персоналот, претседателот, знам каков е менталитетот во Јувентус. Беше неверојатно и уште е неверојатно. Сѐ за победа, нема ништо друго. Фактот дека сум освоил голем турнир со Италија, ме прави уште поголем ентузијаст да победувам. Имам 23 години, само што освоив Европско првенство со мојата земја и играм за Јуве. Но, знаете, имам голема желба да освојам повеќе, да покажам повеќе и да се подобрувам секоја година – вели Киеза.


Семејството ми помогна да не се откажам од фудбалот

Имаше периоди кога не играв во младинскиот тим на Фиорентина и бев со мисла дали „да се откажам и да пробам нешто друго“. Кога имав 14 години, бев мал, па не играв. Но моето семејство ми помогна, тие ме натераа да тренирам понапорно и да го оставам моето тело да расте, бидејќи бев навистина мал и слаб. Семејството ми помогна да најдам друга опција ако не играм, а тоа е училиштето. Тие ми рекоа: „Види, не играш, но дај сѐ од себе на тренинзите и сѐ ќе си дојде на свое“. Тоа беше најдобрата одлука што можев да ја донесам. И на 15 години почнав да растам, вели Федерико Киеза.


Во современиот свет, образованието е клучно

Федерико Киеза одлично говори англиски и ова е негово прво поголемо интервју на тој јазик. Тоа е сведоштво не само за неговата напорна работа туку и за образованието што неговите родители инсистирале да го има. Тие го запишале Федерико во Интернационалното училиште во Фиренца, каде што девет часа дневно биле на англиски, а само 30 минути на италијански јазик, пишува британскиот весник „Телеграф“
– Тие веруваа дека еден ден ќе станам фудбалер, но веруваа и дека можам да бидам и нешто друго. Мајка ми (Франческа) секогаш ми велеше: „Ако имаш добри оценки на училиште, ќе имаш добри настапи во фудбалот, а ако имаш добри настапи во фудбалот, тогаш ќе имаш и добри оценки на училиште“. Во современиот свет, образованието е клучно. Тоа ви помага да се справите со медиумскиот притисок, на пример, во мојот случај, бидејќи сум фудбалер. Јас сум во состојба да ги рационализирам работите. Можам да ја држам главата исправено и фокусирано на вистинските работи. Образованието помага во тоа. Јас сум на Инстаграм, но не го користам, понекогаш го проверувам, но го немам на телефонот. Тоа не ја претставува реалноста – објаснува Киеза.


Барањата стануваат сѐ поголеми, бидејќи штотуку освоив голем турнир

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Италија и тренер на Фиорентина, Чезаре Прандели, еднаш изјави дека откако Федерико Киеза ќе ја најде најдобрата позиција „ќе стане најдобриот играч во Европа“, пишува британскиот весник „Телеграф“.
– Треба да направам уште многу работи, да остварам многу победи, има многу нешта за подобрување, и се надевам дека еден ден ова ќе стане вистина. Мојата игра мора да се развива, морам да покажам многу повеќе. Барањата стануваат сѐ поголеми, бидејќи штотуку освоив голем турнир, играм во Јувентус, но тоа е она што го сакам. Сакам да го дадам најдоброто од себе – вели Киеза.