„ПичПрич“, иницијатива за промовирање на женската усна историја, својата традиционална гала-вечер ќе ја одржи вечерва со почеток во 20 часот во дворот на „Куршумли ан“, каде што ќе се чујат приказни за еден од најстарите и најтрадиционалните начини на додворување – љубовните писма.
Годишната тема на „ПичПрич“ галата ќе го стави во фокус овој вид на комуникација, како и формите што ги добива низ дигиталната ера. Низ оваа призма ќе се разгледува прашањето за согласноста, како и начинот на кој односите на моќ и доминација се провлекуваат низ ваквиот тип на изразување љубов во писмена форма.
Настанот ќе го модерираат Румена Бужаровска и Ана Василева, а приказните ќе ги раскажуваат: филмската критичарка и новинарка Марина Костова, топ моделот Катарина Ивановска, новинарките Сашка Цветковска и Ивана Смилевска, колумнистка на феминистички текстови Елена Гаговска и Маја Казакова – радио водителка.


„ПичПрич“ ги следи сите актуелни мерки за здравствена заштита и според тоа ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан ковид во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за сите лица над 18-годишна возраст. Влезот на настанот е бесплатен, но бројот на места ќе биде ограничен и нема да може да се резервира однапред.

По настанот во „Ла Кања“ во Стара скопска чаршија диџеј-сет ќе одржи Мартина Пенева.