Изминатата деценија ни покажа дека колку и да се чини застарена идејата за објавување на расказот во дневниот печат, овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде и ја одржува културата на читање на кратките раскази
Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од конкурсот за краток расказ, кој годинава го одбележува своето 58. издание од почетоците, а ако го земаме предвид возобновувањето на весникот во 2008 година, можеме да се пофалиме со еден наш мал јубилеј. Имено, новата редакција на весникот истата година го возбнови и традиционалниот конкурс за расказ, така што годинава тој ја заокружува првата десетка.
Изминатата деценија ни покажа дека колку и да се чини застарена идејата за објавување на расказот во дневниот печат, овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази.
Поврзаноста меѓу овој книжевен жанр и весниците е традиционална. Всушност, родното место на модерниот краток расказ и е во весниците, односно во книжевните магазини. Голем дел од расказите што денес се класика на овој жанр биле објавувани токму во периодиката. Дури и славните Марк Твен и Ернест Хемингвеј ја почнале својата книжевна кариера објавувајќи кратки приказни во дневниот печат. Во првата половина на 20 век побарувачката за квалитетни раскази била толку висока што Френсис Скот Фицџералд во неколку наврати му се посветил на пишувањето кратки раскази за да отплати дел од своите многубројни долгови. Врвот на таа побарувачка е достигнат кон средината на 20 век, кога списанието „Лајф“ во 1952 година го објавува расказот (новела) „Старецот и морето“ на Ернест Хемингвеј. Изданието е продадено само за два дена, во над пет милиони примероци. Бројот на комерцијални списанија во кои се објавуваат кратки раскази оттогаш е во постојан пад, иако весниците се простор за паметење, баш како што се и кратките раскази и оттука нивната нераскинлива врска. И едните и другите го документираат секојдневието, иако на различен начин.
Па, сепак, сѐ помалку расказот, и литературата воопшто, си го наоѓа местото во печатените медиуми. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.
Смислата на краткиот расказ најдобро ја изразил големиот Борхес во 1974 година, кога во разговор со Ернесто Сабато рекол: „Краткиот расказ е краток сон, кратка илузија. И кога писателот ќе го заврши, не знае дали било вредно за трудот да се напише“. Со конкурсот за краток расказ се обидуваме, веќе десет години, да му го продолжиме животот на тој сон, на таа слатка илузија
Конкурсот за краток расказ е една од најпрепознатливите практики од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. Обновен е за да ја поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е популарна, современа и широкоприфатена од читателската публика. Краткиот расказ е дел од колективната меморија и култура на македонскиот народ, имајќи корени уште во усните расказни и наративни форми. Иако во последниве години романот е најдоминантен жанр и во македонската книжевност, сепак, некои наши раскажувачи одново му се враќаат на краткиот расказ. И покрај жанровските излети на поголемиот број автори, сепак, расказот е форма што има традиција во македонската книжевност, а последните две децении од 20 век преку него се појавуваат десетина нови извонредни раскажувачи, а се јавуваат и нови имиња, кои навестуваат нов поетички круг и наративен сензибилитет со текстови на сосема млади, сѐ уште неетаблирани автори, но веќе присутни на македонската книжевна сцена, надарени, атрактивни, па и контроверзни. Според некои теоретичари, македонскиот расказ доживува егзалтација во расказниот опус токму на помладите автори, што е дополнителен поттик за одржување на конкурсот.
Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ е можност за излегување од анонимност на младите автори и, оттаму, пред некоја година одлучивме да го напуштиме анахрониот начин на испраќање на ракописите во три примероци по пошта и да ја отвориме и можноста тие да се испраќаат на мејл како попрактичен, побрз и подостапен начин, особено за новите генерации пишувачи. Не е исклучено дека на конкурсот и оваа година ќе ги имаме веќе афирмираните писатели, од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници.
Во сеопштата доминација на романот како единствен профитабилен, видлив и популарен книжевен жанр, дојдовме до тоа денес расказот да е донкихотски жанр што на секој начин се бори за простор и за внимание кај авторите, читателите и издавачите. Спрегата меѓу нив се токму натпреварите како што е конкурсот на „Нова Македонија“.
Смислата на краткиот расказ најдобро ја изразил големиот Борхес во 1974 година, кога во разговор со Ернесто Сабато рекол: „Краткиот расказ е краток сон, кратка илузија. И кога писателот ќе го заврши, не знае дали било вредно за трудот да се напише“. Со овој конкурс се обидуваме, веќе десет години, да му го продолжиме животот на тој сон, на таа слатка илузија.
Повикот за сите љубители на кратката прозна форма е отворен до крајот на месецов, а ние со нетрпение и љубопитство ги очекуваме вашите нови дела!