Техно
Кина разви прототип на минијатурен хеликоптер за надзор на мисии на Марс, откако нивниот роботски ровер направи историско слетување на Црвената Планета пред неколку месеци.
Според фотографијата објавена на веб-страницата на Кинеската национална вселенска агенција, прототипот е сличен по изглед со роботскиот хеликоптер „Инџенуити“, развиен од НАСА оваа година за роверот „Персеверенс“.
Агенцијата соопшти дека хеликоптерот може да биде алатка за понатамошно кинеско истражување на Марс, но не даде повеќе детали, пренесуваат светските медиуми.
Во мај, Кина првпат слета на Марс со својот ровер и со тоа стана втората земја по САД што го сторила тоа. Најнапредниот ровер на НАСА, „Персеверенс“, слета на Црвената Планета во февруари.
Во април, НАСА потврди дека нивниот минијатурен хеликоптер, тежок 1,8 килограм, успешно го заврши својот прв лет од 40 секунди и дека се искачи на висина од околу три метри, остана на место околу 30 секунди, а потоа се врати на површината на Марс.
„Инџенуити“ оттогаш направи повеќе од 10 излети и помина растојание од над два километри, со време на летање од вкупно 20 минути.