Во Клубот на пратеници беше промовирана „Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, чиј домаќин беше вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, а учествуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, директорката на Управа за јавни приходи Сања Лукаревска и директорот на Управа за финансиска полиција Арафат Муареми.
Николовски, посочи дека усвојувањето на оваа Стратегија, како една од стратешките алатки за борба против корупцијата, е дел од активностите утврдени во владиниот План за борба против корупција.
– Дел од мерките во владиниот План за борба против корупција, се значајни за ефикасна имплементација на активностите од Националната стратегија. Една од клучните мерки во Планот е дигитализацијата на процесите, односно поврзувањето на надлежните институции на платформата за Интероперабилност, со која се зајакнува оперативноста на институциите, нивната електронска поврзаност и навремената размена на податоци. Владата, донесе одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата. Паралелно, водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, во фаза на подготовка е и предлог Закон за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава. Времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, полека но сигурно станува минато. Конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај – истакна вицепремиерот.