Фото: Маја Јаневска-Илиева

Метеоролозите очекуваат дека ова лето ќе биде потопло од претходно, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата на воздухот од многугодишните просеци. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде токму во јули. Како да се функционира во вакви услови на плус 40 степени и на што треба најмногу да внимаваат граѓаните

МАКЕДОНИЈА КАКО ПОД ВРШНИК

Сончево и многу топло време, со температури над 40 Целзиусови степени, прогнозираат метеоролозите деновиве, односно до крајот на неделава. Високи ќе бидат и вредностите и на УВ-зрачењето, кое ќе биде 9, при што се препорачува да се избегнува престој на сонце во најтоплиот дел од денот, помеѓу 11 и 17 часот. Во деновите од викендот на повеќе места ќе биде нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, дневната температура ќе опадне за неколку степени и ќе достигне максимум до 35 Целзиусови степени.
Како да се функционира во вакви услови на плус 40 степени и на што треба најмногу да внимаваат граѓаните?
Се очекува летово дека ќе биде потопло, со поголема веројатност за позитивни отстапувања на температурата на воздухот од многугодишните просеци и врнежи во рамките на просекот. Условите на Ла Ниња, кои сѐ повеќе слабеат последниве месеци, се очекува да преминат во неутрални за време на летната сезона. Температурите на површината на морето имаат позитивни отстапувања над Атлантски Океан и јужно од Гренланд и негативни отстапувања над Северно Море. Ова ќе придонесе за зголемување на притисокот на воздухот над поголем дел од Централна Европа – вели метеорологот Александра Стевков од УХРМ.
Таа додава дека, според анализите, за целиот југоисточен регион на Европа се предвидува летните температури да достигнат натпросечни вредности. За територијата на Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности, а се предвидува дека тоа може да достигне и до 3 Целзиусови степени во североисточниот регион. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде токму во јули.
Под влијание на топлата воздушна маса од јужните делови на Европа, времето до крајот на оваа работна недела ќе биде стабилно и топло, со температури што насекаде ќе бидат над 30 степени. В среда и четврток температурата на воздухот ќе достигне и до 40 степени, особено во југоисточните подрачја.

В петок, во текот на денот, ќе настапи дестабилизирање, а за време на викендот и почетокот на идната недела времето ќе биде променливо и нестабилно, со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Температурите во овој период ќе бележат постепено опаѓање, особено кон средината на идната недела, кога ќе дува умерен до засилен северен ветер и температурите ќе опаднат од 7 до 10 степени. Потоа до крајот на идната недела ќе настапи стабилизирање на времето, со постепен пораст на температурите – вели Рада Аврамоска, раководителка на секторот за прогноза во УХРМ.
Метеоролозите велат дека постои веројатност во претстојната летна сезона да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори. Во август, постои веројатност месечната температура на воздухот да биде над просечните вредности, со отстапување до 2 Целзиусови степени во поголем дел од земјава.
Високите летни температури стануваат сѐ понеподносливи, а, секако, најтешко им паѓа на оние што работат на отворено и немаат можност за климатизација. Фирмите, пак, се должни да ги почитуваат препораките на Министерството за труд и социјална политика за заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран. Во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови за работа, кои нема да ги загрозат животот и здравјето на работниците. И лекарите советуваат во вакви временски услови на мошне високи температури да се обезбедат посебни услови што би ги минимизирале неповолните услови што се однесуваат на работата на отворено.

– Кога се работи во отворени простори, работниците треба да имаат просторија за престој. Исто така, во вакви услови треба да има промени во организацијата на работниот процес, тој треба да биде во смени, особено ако се работи за тешка физичка работа, таа треба да се изведува кога немаме изразено изложување на сонце и на високи надворешни температури. Значи, да се редуцира тешката физика работа, почесто да има паузи и внимателно да се следи здравствената состојба на работниците. И при најмали изразени симптоми што личат на топлотен удар или на сончаница, на лицето треба да му се обезбеди просторија и да му се даде прва помош. Она што е важно и потребно е да има потикнување на пријавувањето на тие симптоми кај работниците – советува д-р Злате Мехмедовиќ.
Лекарите советуваат работниците на отворено да носат облека од природна ткаенина, која не генерира топлина, од памук и лен, потоа очила за заштита од ултравиолетовите зраци, како и капи и шешири што имаат доволно голем пречник да ја заштитат главата. Облеката што го намалува потењето и облеката од неприродни влакна мора да бидат отстранети.


Казни од 500 до 4.000 евра за непочитување на препораките

Колку фирмите ги почитуваат препораките за заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран и дали инспекторите се на терен периодов, побаравме одговор од Државниот трудов инспекторат. Оттаму информираа за извршени инспекциски надзори во дејноста градежништво во услови на портокалова фаза за периодот од 24-25 јуни 2021 год.
Во овој извештаен период се извршени вкупно 95 инспекциски надзори кај субјекти на надзорот што вршат градежна дејност. Издадени се вкупно 23 решенија со наредба работодавците да ги применат препораките на Владата, а тоа е да ги прекинат активностите што се одвиваат на отворен простор со директна изложеност на работниците на топлотниот бран (сонце), реорганизација на работното време (порано наутро и прекинување на активностите во периодот од 11 до 17 часот, како и продолжување на активностите по 17 часот), обезбедување на работниците со течности (најдобро вода), обезбедување засолништа под сенка и обезбедување на работниците со лична заштитна опрема за заштита од изложеност на сонце и сл.

За работодавците што не постапиле по издадените решенија со наредба, а кои се во согласност со препораките на Владата, издадени се вкупно 14 забрани за работа на отворен простор и издадени се вкупно шест прекршочни платни налози на вработени за неносење на личната заштитна опрема што ја обезбедил работодавецот – вели Јована Тренчевска, в.д. директорка на Државниот инспекторат за труд.
Од Инспекторатот нагласуваат дека прекршочните санкции за работодавците што не ја почитуваат забраната за работа изнесуваат од 500 до 4.000 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице во правното лице од 300 до 500 евра во денарска противвредност. За прекршоците на вработените поради неносење лична заштитна опрема се изрекува глоба од 30 евра во денарска противвредност.