Европската Унија повторно ги продолжи санкциите против Русија во економскиот сектор за шест месеци, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ. Кремљ процени дека во тоа нема ништо ново и додава дека таквата одлука не придонесува за нормализирање на односите меѓу Русија и ЕУ.
– Советот на ЕУ денес донесе одлука за продолжување на санкциите насочени кон специфични економски сектори на Русија за шест месеци, до јануари 2021 година – се наведува во соопштението.
Првично, Европската Унија воведе санкции против Русија на 31 јули 2014 година за една година. Во март 2015 година, рокот за укинување на санкциите беше поврзан со целосната имплементација на договорите од Минск. Од тој момент, санкциите се продолжуваат на секои шест месеци, шест години по ред.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека нема ништо ново во фактот дека Брисел ги продолжи санкциите против Русија.
– Мора да работиме во тешки услови. Се разбира, ваквите одлуки во никој случај не отвораат нови перспективи за нормализирање на односите меѓу Москва и Брисел – рече Песков.
На 12 февруари 2015 година во Минск се водеа преговори меѓу лидерите на земјите од „норманската четворка“. Договорите од Минск за решавање на ситуацијата во источна Украина предвидуваат прекин на огнот, повлекување на тешкото оружје од контактната линија и уставни реформи, чии клучни елементи треба да бидат децентрализацијата и усвојување на закон за посебниот статус на Донбас.
Планот сè уште не е исполнет, бидејќи украинските политичари постојано го одложуваат неговото спроведување, па дури наведуваат дека има само советодавен карактер, а не обврзувачки. Ставот на Русија е дека нема алтернатива на договорите од Минск, анализираат медиумите.