Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Охрид, Костадин Георгиевски, денеска извршија увид во активностите на комуналните служби преземени за исполнување на препораките на УНЕСКО, во делот на уредување и управување со крајбрежјето.
Притоа, Заев истакна дека на терен може да се посведочи сериозната посветеност на општината во исполнување на препораките.
– Охрид, со силна поддршка на сите надлежни институции од централната власт, покажа волја и подготвеност за отстранување на бесправните градби на плажите. Во тек е процес со кој се става крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас – порача премиерот.
Тој нагласи дека речиси целосно се расчистени плажите од Пештани до хотел „Метропол“.
– Отстранети се нелегалните платформи, постаменти и ѕидови од најразлични градежни материјали. Откриени и отстранети се голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро – истакна Заев.
Тој најави дека во моментов течат активности со кои општина Охрид ќе ги обезбеди сите потребни услови за непречено користење на плажите од страна на граѓаните и туристите.
Премиерот порача дека независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, властите цврсто стојат на ставот за регулирање на овие состојби.
– Да потсетам дека предлог-одлуката е базирана на Извештајот на УНЕСКО за состојбите до јануари 2020 година, а ние од тогаш до денес постигнавме значителни резултати во насока на исполнување на сите препораки. Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат – нагласи Заев.