Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска потпишаа спогодби за испраќање економски советници од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како дел од поширокиот проект за Економска дипломатија.
– Уште на почетокот најавив дека ќе пристапиме со поединечно обликуван, или таканаречен ‘тејлор – мејд’ пристап за различните земји и региони. Во оваа смисла посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во Економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа – истакна Османи, потенцирајќи дека сите упатувања се дел од пилот – проектот за оваа година, од каде се очекува и првичниот инпут за успешноста од целиот процес и неговата целисходност за понатаму.
– Очекувам нашите претставници во економската дипломатија да внесат поголема економска димензија во надворешната политика, притоа да ги прошират каналите за интензивирање на трговската размена, на отворање нови пазари за постојните компании, да обезбедат полесен и поинформиран пристап на потенцијалните странски инвеститори и со тоа да обезбедиме услови за уште поинтензивен економски раст – изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски ги потенцираше огромните потенцијали од унапредувањето на размената за земјоделието, преработувачката индустрија и производството на храна, за што веќе, како што посочи, е создадена пристојна бизнис база и во земјата која доколку и се обезбеди соодветен пристап може компетитивно да се натпреварува на светските пазари.
Со потпишувањето на меморандумите меѓу ресорите се најавија и првите економски советници од двете министерства кои ќе бидат испратени преку Министерството за надворешни работи. Од Министерството за Економија ќе бидат испратени економски советници во Женева со надлежност за Светската Трговска Организација, потоа во Брисел, со надлежност за земјите на БЕНЕЛУКС; во Генералниот Конзулат во Чикаго, со надлежност за регионот на таканаречните езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота). Од Министерството за земјоделие шумарство и водостопанство ќе биде испратен економски советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие – ФАО, но воедно и со надлежност врз територијата на Италија; додека во подоцнежната фаза, во план е од Земјоделие да бидат испратени економски советници во други места соодветно на специфичните надлежности на овој ресор.
Првата група економски советници беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби, а МНР Османи извести дека во тек е и конкурсот во рамките на МНР со кој ќе биде испратен и еден економски советник во Софија.