Рускиот претседател Владимир Путин утре на австриската министерка Карин Кнеисел ќе и дарува оригинален свадбен подарок – традиционална руска музика која во живо ќе ја изведат 10 членови на руски хор, соопштија денеска за дпа дипломатски извори.
Путин ќе биде еден од стотината гости, а меѓу нив ќе се најде и австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Педесет и тригодишната Кнеисел е експерт за Блискиот Исток, која австриската десничарска Слободарска партија ја предложи на министерското место откако минатата година беше договорено создавање на владејачка коалиција со конзервативците на Курц.
Таа не е член на Слободарската партија која е блиско поврзана со партијата на Путин.
Неочекуваното пристигање на Путин на венчавката на Кнеисел предизвика негативни реакции кај австриската опозиција, која потсети на руската улога во украинскиот конфликт.
По венчавката Путин ќе отпатува за Германија, каде што утревечер ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.