Дали партиите манипулираат со граѓанскиот сектор
Изминативе три децении самостојност во Македонија како печурки се појавија еден куп граѓански организации и движења, кои во свое време се залагаа за вистински граѓански слободи и општествен просперитет, но многу од нив згаснаа исто како и идеите за кои се бореа уште пред тие да бидат остварени.
Имаше разни граѓански здруженија за социјална правда, на измамени штедачи, на пензионери, бранители, земјоделци, исклучени од парно, противници на повисоката цена на струјата, студенти, средношколци, разни поддржувачи за изградба на цркви и на џамии, кои се појавија во одреден општествен момент и туркаа некаква граѓанска идеја.
Некои од нив соочени со игнорантскиот однос на државата, но и со немоќта финансиски да опстојат едноставно исчезнуваа, но многу од нив знаеја да ги наплатат своите „услуги“ од една или од друга политичка гарнитура, па нивните активисти, најчесто оние најекспонираните, станаа државни функционери што прекуноќ заборавија на каузата за која се бореа.
Одеднаш истите луѓе што стоеја на „барикадите“ сега се најдоа во улога на портпароли, членови во управни одбори, директори, пратеници, а некои дури и министри.
Последен пример за таков граѓански активизам беше Шарената револуција, која под паролата „Нема правда, нема мир“ ги боеше зградите низ главниот град, но како што се појави така и исчезна, без да се остварат целите за кои илјадници граѓани маршираа секојдневно низ македонските градови.
Од тие причини се наметнува дилемата колку граѓанското општество е вистински слободно како што се претставува и дали е тоа успешен коректор на власта или, пак, е директно контролирано од политичките партии и од домашните финансиски моќници.
– Она што се случува е граѓански активисти, медиуми, новинари да бидат инкорпорирани во државата, односно во власта, а откако ќе бидат инкорпорирани во власта тие ги напуштаат позициите што претходно ги застапувале или не можете да ја препознаете агендата што ја застапувале. Масовното прифаќање, на пример, на новинари како портпароли во министерствата во еден релативно мал пазар како македонскиот, особено кога од 30 до 40 новинари ќе станат портпароли, тоа не може да не се почувствува бидејќи тоа не е мала бројка – вели Сашо Клековски, аналитичар.
Според него, сличен е примерот со преминот на одреден број граѓански активисти што се случи во власта.
– Таму клучната критика, не само за активистите туку и за политичарите, е дека има големи разлики во однесувањето во опозиција и на власт. Кога активистите ќе се инкорпорираат во власта, речиси да не се препознава за која агенда, за кои вредности, за кои принципи се залагале претходно, што остава сомнеж дали принципите и вредностите биле во прашање или, пак, борбата за власт, во најтесна смисла, заради лични интереси, а не заради општествени промени – истакнува Клековски.
Тој уште додава дека партиите, особено кога се во опозиција, го користат тој бран на незадоволство што се манифестира преку разни граѓански движења и се обидуваат да се качат на него користејќи ја граѓанската иницијатива да му нанесат политичка штета на ривалот на политичката сцена.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, вели дека стереотипите за улогата на граѓанските организации продолжуваат да преовладуваат и натаму.
– Граѓанското општество во Македонија, како и во секоја држава (барем со некаква форма на демократија, а и каде што ја нема), реагира на случувањата во опкружувањето, особено на негативните тенденции, за кои се предлагаат корекции или прекин на одредени практики. Сепак, за жал, стереотипите за улогата на граѓанските организации, во голем дел поттикнувани и од самите политички партии, преовладуваат и натаму (дека дел од организациите се во служба на партиите, или се „странски платеници“, или „пералници за пари“), дури и кога сето тоа се покажа како неточно и кога имаше координирана и намерна акција на Владата (кон крајот на 2016 година) да се откријат какви било неправилности во работата на дваесетина организации.
Но како и секогаш, нови грасрут-организации и движења секојдневно се појавуваат за проблемите, кои исто така, секојдневно се појавуваат, со реални укажувања каде се греши и како да се поправи, така што таа улога ќе продолжи природно, без оглед на притисоците и обидите за нивно „замолчување“ – нагласува Кржаловски.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека граѓанските организации и иницијативи изминатите 30 години се користеле како инструмент за доаѓање на власт на некоја политичка структура.
– Со чест на исклучоци, има организации што си работат во граѓанскиот свет и си држат некое ниво на градење на граѓански активизам и граѓански притисок во решавање одредени теми. Но излезе дека огромен број невладини организации не се граѓански, туку се организации што се политички инструмент за доаѓање или за рушење на власта. Со тоа што огромен број на тие граѓански активисти сега ги гледаме во јавната администрација, што значи дека борбата не била за промени, туку за вработувања, бенефиции и слично. Огромен процент од оние што биле граѓански активисти, всушност се политички активисти – вели Пекевски.
Според него, повеќето од овие граѓански здруженија се наменски формирани за остварување лични бенефиции на одредена политичка гарнитура.
– Граѓанскиот активизам е невозможен без финансиска поддршка на некој близок до одредена политичка структура – категоричен е Пекевски.
За професорката Мирјана Најчевска различните видови граѓански организации и нивното дејствување се дел од цивилното општество и дека тие одиграле голема улога во менување и на менталитетот и на разбирањето на демократијата и на човековите права.