Нема да успеете сами… ајде да се обединиме, кажа бугарскиот премиер Бојко Борисов, недолго по затворањето на гласачките места на неодамнешните парламентарни избори. Анкетите предвидуваа оти човекот кој подолго од една деценија доминираше со бугарската политика ќе загуби дел од поддршката, но не можеа да предвидат колку слабо ќе помине на изборите. Сега Борисов е зафатен со предлогот за формирање на техничка влада, која веројатно тој би ја контролирал, иако тоа би било од сенка, пишува „Економист“.
Борисов се обидува да се задржи на власт и веројатно ќе биде во неизвесност со недели додека лидерите од партиите што влегоа во парламентот ќе видат дали можат да оформат влада.
Се предвидува дека бугарските партии или нема да можат да формираат нова влада, што би значело одржување на нови избори веројатно во јули, или, пак, оти би формирале техничка влада со краток рок и ограничен мандат, поддржана од партиите кои се против Борисов, со што новото гласање би било одржано заедно со претседателските избори предвидени за октомври.
Познавачите на состојбите во Бугарија, сепак, не го отпишуваат Борисов, бидејќи и претходно се покажал како врвен тактичар кога бил соочен со навидум безизлезна ситуација. Аналитичарот Марин Лесенски мисли дека Борисов ќе се обиде да обезбеди поддршка во парламентот од страна на партија што го претставува турското малцинство, заедно со другите партии кои би ги убедил да му се придружат, иако моментно се против него.
Дополнителен мотив за формирањето на нова влада се сметаат 29-те милијарди евра од фондовите на ЕУ кои ќе бидат достапни за Бугарија во следните неколку години, бидејќи новиот владин состав ќе одлучува за нивната распределба.