РАКОМЕТ – ПО ГРУПНАТА ФАЗА
Според податоците на Европската ракометна федерација (ЕХФ) по завршувањето на групната фаза, а во пресрет на осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), која почнува со денешните дуели Сегед – Кил (18.45 ч.) и Нант – Киелце (20.45 ч.), шпанскиот гигант Барселона е тимот што сезонава соборува рекорди во повеќе статистички категории. Избраниците на тренерот Чави Пасквал ја играат најефикасната сезона во својата клупска историја, но и во рамките на ЛШ, со 505 гола на 14 меча, што во просек е 36,1 гола по натпревар.
Во 14-те меча сезонава, Шпанците на четири постигнаа 45 гола и повеќе. Откако се игра фајналфор-турнирот во ЛШ, Барселона 10 пати групната фаза ја завршува на првата позиција. Тие се единствениот тим сезонава без пораз во групната фаза.
Во дуелот со Загреб дома, ракометарите на Барселона ја забележаа највисоката победа сезонава, 45-27, а импресивна е и нивната вкупна гол-разлика по групната фаза од плус 93 гола, што во просек е победа со предност од 6,6 гола по меч. По поразот од Сегед во 1. коло во сезоната 2019/2020, Барселона има низа од 27 победи во групната фаза од ЛШ и 43 победи по ред во ЛШ на домашен терен.
Сезонава во групната фаза од ЛШ требаше да се одиграат 112 натпревари, но поради пандемијата на ковид-19, ЕХФ беше принудена 11 меча да регистрира со службен резултат 10-0. На 101 меч беа постигнати 6.102 гола, десниот бек на Киелце Алекс Душебаев со 80 гола е најдобар стрелец по групната фаза, пред Микел Хансен од ПСЖ со 72 реализации.