Со сигурност може да се претпостави дека зборот „имунитет“ ќе биде меѓу зборовите што ќе конкурираат во категоријата најупотребувани зборови во светот во 2021 година. Се разбира, терминот е пoврзан со пандемијата на коронавирусот што го погоди светот и трпи страшни здравствени, морталитетни, економски, психолошки и ред други последици, од полесен или потежок вид.
Речникот на македонскиот јазик е сиромав со толкувања за него, што е разбирливо, бидејќи е правен пред шест-седум децении, кога маларијата и офтиката, најраширените болести, не беа поврзувани со имунитетот на човекот. Објаснувањето е дека имунитет е „природна или стекната отпорност на организмот на разни заразни болести или на определени отрови“ во медицинска смисла или „привилегирано изземање од дејството на некои закони или прописи (за пратеници, лица на посебни функции во власта или во дипломатијата)“ во политичкоправна смисла.
На прост медицински јазик кажано, имунитет е отпорност на организмот кон одредено заболување, поточно кон неговиот причинител. Постојат повеќе видови имунитет, да ги наброиме најпознатите: вроден или стекнат, пасивен или активен, според начинот на кој е добиен. Природен е имунитетот што си го носи човекот со себе уште од раѓање, вештачки оној што е стекнат по вакцинација. Имунитет или имунолошки систем кај човекот претставува збир од посебни клетки, ткива, протеини, органи и жлезди што имаат за задача да го штитат човекот од разни инфективни заболувања или инфекции. Тоа значи дека имунитетот не може да се бори со какво било заболување, туку тој е создаден за да се бори само со болестите предизвикани од некоја инфекција, т.е. да се бори против инфекциите.
Горенаведените класификации ѝ припаѓаат на медицинската наука и практика, се однесуваат на способноста на луѓето да го зачуваат своето здравје. Но зборот имунитет е општопозната и политичкоправна категорија. Имунитет имаат претседатели на држави, на влади, пратеници, министри, дипломати, судии, обвинители и ред други високи државни функционери, насекаде во светот. Добиениот имунитет нив ги штити при низа постапки и дејности за кои обичниот човек може да биде осудуван и да лежи во затвор.
Кога ќе се анализираат двете толкувања, произлегува дека клучните зборови на имунитетот се отпорност и заштита. Токму затоа во овој текст нема да се занимаваме со медицинските аспекти на имунитетот, кои се секојдневно присутни во медиумите, туку со националните, термин што може да го објаснува здравствениот статус на една нација, на еден народ, на едно општество, па дури и на една држава. Звучи чудно, но ќе стане појасно ако се постави прашањето кое може да гласи: ја има ли македонскиот народ отпорноста, поседува ли доволен број антитела за да го заштити и одбрани националниот организам од инфекциите што го следат и што му се закануваат да го фрлат на тешка постела, да предизвикаат агонија и агонично бунило? Да не заборавиме: нарушувањата на имунитетот се основа на многу болести.
Постојат низа индикации што упатуваат на скепсата дека македонскиот национален и државотворен организам долго време, што ќе рече хронично, е зафатен со класични симптоми на ослабен имунитет и болест што трае, а од која не се умира. Три децении живее со покачена политичка температура од низок интензитет, бележи хроничен замор и сонливост, има еродирани дишни органи и потпросечна сатурација, често е подложен на габични и други странични инфекции, да не ја спомнуваме политичката дијареја што често испливува на површина. Ако на ова се додадат и долготрајното ментално и емоционално оптоварување, постојаниот стрес, навлегувањето странски тела, меѓупартиските алергии и бавното зараснување на раните, се добива на увид анамнезата на здравствениот статус на Македонија, земја-членка на НАТО, членка на ЕУ во некој футуристички филм во бугарска режија.
Во просек, за здрав имунолошки систем се смета оној организам што не заболува од настинка (инфекции и воспаление) повеќе од два-три пати годишно. Кога имунитетот е многу слаб, клетките не можат да произведат антитела доволно брзо, што им овозможува на туѓите тела да се размножат и да се зарази организмот од надворешни фактори. Асоцијацијата на странските фактори, во случајов, упатува на пандемичната инфекција што ја шири Бугарија во Македонија (Северна Република), кивајќи вирусни плунки кон сѐ што има ознака македонско – потекло (кое во меѓувреме натекло), историја, јазик, писмо, чувство, самосвест, национална определба. Разорниот ковид-19 ќе помине со или без вакцинација. Бугарскиот глад за Македонија е вечен, не постои вакцинален серум што ќе ја смири таа здивена зараза.
Поради тие причини, по тие поводи, се отвора прашањето и се бара одговорот: има ли македонскиот народ стекнато колективен имунитет да си ги зачува и заштити своите национални права, историја, фактографија, културното, книжевното, духовното, семејното наследство, јазикот и писмото? Ќе најде, ќе создаде ли доволно антитела да се спротивстави на бугарската офанзива за деструкција на македонскиот идентитет и да даде отпор, а истовремено да се спротивстави и на внатрешните сили, индивидуални и институционални, склони кон продолжување на почнатата автодеструкција? Дали овој народ и без примање патриотски национални вакцини ќе го стекне имунитетот на стадо или ќе ѝ се препушти на логиката дека овде е стадо без кучиња? Се нижат прашања како што се нижат нејасни, сомничави, недоветни, лажни, искривоколчени одговори од најниско до највисоко ниво.
Без оглед колку е слаб, неорганизиран, партиски поделен, економски осиромашен, психички оптоварен, меѓународно подмитуван, залажуван и злоупотребуван, македонскиот национален корпус, сакал-нејќел, ќе ја одболедува бугарската инфекција, чиј исход ќе ги носи атрибутите на достигнување со историска димензија на неговото постоење. Носителите на македонската национална свест, втемелена на дејноста и делата на претходните генерации, ја имаат обврската да не подлегнат на краткотрајните политички интереси засновани на празни ветувања и да го предадат она што нивните дедовци и татковци го стекнале со ум и разум, со мудрост и истрајност, понекогаш со пари и крв, но речиси секогаш определувајќи се на вистинската страна на историјата, на страната на своја корист, а не на сопствена штета.
Временски гледано, барем во минатите сто години, секогаш кога се проблематизирала македонската етничка свест и се доведувал во прашање националниот интегритет, се јавувал нужен отпор, се подигнувал бедемот на одбраната и заштитата, што било не само потреба, туку легитимен чин што давал ефект, постигнувал резултат. Колективниот национален имунолошки систем, колективниот отпор секогаш бил посилен одошто правењето индивидуална кариера врз негирањето на сопствениот личен и општиот национален идентитет.
Слушајќи за вакцинирањето, дознаваме дека секоја имуност може да биде краткотрајна, долготрајна или доживотна, што зависи од начинот, времето и количеството на внесувањето антигени. Што ќе покаже македонскиот организам, која имуност ќе ја преферира, дневнополитичката или историската, доживотната, останува да видиме.