Родендените и годишнините се време за прослави. Ако за првата година подарокот на НАТО за Македонија е „зголемената сигурност и безбедност, во комбинација со зголемено ниво на интероперабилност“, тогаш дали може барем како желба за идните родендени, додека ја дуваме свеќичката, да си посакаме подарок во облик на „крупни економски и инфраструктурни, а ако може и политички придобивки“ од нашето членување во Алијансата? Но да не се подбивам со работи што не се за подбивање.
Искрено, подароците се во ред, но повеќе би сакал до НАТО-патронот отворено и чесно да ја испратам пораката: Ако му давате на човека риба, ќе го нахраните/помогнете за еден ден, но ако го научите да ја лови, ќе му помогнете за целиот живот…

НАТО е безбедносно-политичка организација што има свој „чадор“, кој гарантира мир од Балтикот до Јадранот и кој преку Атлантикот ги поврзува САД и Европа. Ова е една парафразирана мисла на поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, со која се објаснуваат значењето и функционирањето во светот на најмоќната воено-политичка организација – НАТО. Токму на овој заклучок на Камерон можеби треба да се потсети македонската јавност сега, спроти нашата прва годишнина од членството во НАТО (27 март), а во пресрет на јубилејот од формирањето на самата Алијанса, која на 4 април ќе одбележи 72 години постоење.
Воената алијанса во која Македонија веќе една година е 30-та земја-членка е моќен сојуз, рамо до рамо со другите светски центри на моќ. Неговата сила е впечатлива, а ние сме еден дел од неа. И Алијансата не пропушта тоа да го демонстрира во јавноста. И преку медиумите, но и на теренот. Еве, на пример, од почетокот на месецов, па до крајот на летото ќе се одржуваат серија воени вежби именувани како „Бранител на Европа 21“ и „Цврст бранител“. Тие ќе се „одиграат“ на Балканот, но и во нашата држава, а во нив ќе учествуваат над 30 илјади војници од сите сојузнички држави, со што тие ќе станат и најголемите армиски маневри некогаш спроведени во Европа. Она што им дава дополнителна посебност е дека се одвиваат во време кога светот се бори со пандемијата на ковид-19.
Маневрите ќе се одржат на вкупно 64 локации, односно сојузниците и нашите војници ќе тренираат на 31 полигон, 13 цивилни и 10 воени аеродроми, како и на шест пристаништа и на четири специфични теренски локации.

Натаму, ефектите од членството во безбедносна смисла може да се препознаат и во модернизацијата на АРМ. Во тој правец може да се протолкува и последната набавка на 89 лесни оклопни возила наменети за опремување на Лесната пешадиска баталјонска борбена група (ЛПБГ) на АРМ. Не дека не ни е потребно тоа, но можеби ќе беше подобро партнерите во Алијансата во моментов да ни дадеа оружје против коронавирусот. Но да не ситничариме.
Македонскиот буџет за одбрана константно се зголемува. Имено, според последните статистики на НАТО, македонската каса за оваа намена во 2020 година била за 30 отсто повисока од онаа во 2014 година. Порастот, всушност, најмногу се случил кога се зачленивме во НАТО, односно кога буџетот за одбрана бил 130 милиони долари.
Но овој воен сојуз има и свои политичко-дипломатски димензии, иако, за жал, Македонија до овој момент не ги има ползувано сите придобивки од овој „чадор“ на НАТО. Рака на срце, и ние не размислуваме како држава утилитаристички. Од друга страна, па и Алијансата некако со кризава го стегна ќесето. Тоа е така бидејќи се доби впечаток дека првата година од членувањето мина во знакот на пандемијата и во процесот на влегување во „штосот“. Патем, тивко споменато, таму немавме ни делегирани претставници што ќе се бореа за нашиот статус.
Но, нејсе, повторно. Одиме понатаму. Имаме друго поле за разработка. Северноатлантската алијанса, како една од најмоќните меѓународни организација, во светот не е препознатлива само преку нејзиното воено дејствување, туку оваа интернационална структура со своето функционирање ништо помалку не е активна и во полето на економијата и стопанството, информатиката, од која Македонија точно една година е составен дел.

Имено, економското значење на НАТО-сојузот, според некои апроксимативни послободни процени, им носи милионски суми на поединечни компании (држави) на НАТО-членките. Според статистичките информации, НАТО секоја година користи најразлични продукти и стоки за своја намена од 32 милиона различни производи, стоки и добра. Тие производи Алијансата ги обезбедува од 16 милиони доставувачи, кои директно потекнуваат од држави-членки на НАТО, а интересен е и податокот дека токму тие доставувачи за да ги заситат потребите на огромниот пазар внатре во сојузот најчесто соработуваат дури и со фирми (подизведувачи) од држави што се надвор од самата Алијанса. Македонија дури и пред да стане членка на Алијансата имаше свои компании што како подизведувачи профитираа од продажба на храна и изработка на градежни проекти за Сојузот, а сега со полноправното членство можностите за профит на нашата економија се зголемени. Можностите за економско дејствување сега ги надминуваат минатите и нашите фирми можат да учествуваат на пазарот во процесите за модернизација на вооружувањето и техниката на сојузниците, но и во одбранбените бизнис-организации, кои вршат „аутсорсинг (надворешно снабдување) на традиционалните дејности на војската“. Македонските фирми што побрзо да се пронајдат и во понудата на потребните стоки и услуги за оперирање на бази на НАТО, во тендерите за истражувачка, развојна, образовна и тренинг-дејност во согласност со интересите на Алијансата, во изградбата на мешани претпријатија за заедничка дејност или целни конзорциуми, што работат за задоволување на потребите на Пактот, како и во извршување на програмата за ликвидација на вооружувањето и техниката што се исфрлени од употреба.

Родендените и годишнините се време за прослави. Ако за првата година подарокот на НАТО за Македонија е „зголемената сигурност и безбедност, во комбинација со зголемено ниво на интероперабилност“, тогаш дали може барем како желба за идните родендени, додека ја дуваме свеќичката, да си посакаме подарок во облик на „крупни економски и инфраструктурни, а ако може и политички придобивки“ од нашето членување во Алијансата? Но да не се подбивам со работи што не се за подбивање.
Искрено, подароците се во ред, но повеќе би сакал до НАТО-патронот отворено и чесно да ја испратам пораката: Ако му давате на човека риба, ќе го нахраните/помогнете за еден ден, но ако го научите да ја лови, ќе му помогнете за целиот живот…

[email protected]