„Северна Македонија“ како неприроден обид за идентитетско преструктурирање и историско заборавање

Кои сме? Што сме? Каде одиме? Три години со променето име на државата, сѐ уште овие прашања остануваат без одговор. Велат дека еден од начините на деноминација на државите е давање име. Како што ќе забележи Хегел, давањето имиња не е само знак на поседување туку и на создавање. Тоа е обликување на нешто со негово означување. Затоа имињата на државите не се само прости зборови (како што беше нагласено за време на дебатата за средновековниот номинализам). Името на една држава е крајниот симбол на државноста и е клучен елемент на концепцијата за една држава и нејзиното население што може да мобилизира длабоки чувства кај тоа население. Затоа промената на името вообичаено претставува почеток на нова личност, бидејќи се верува дека имињата ги расплетуваат суштината и идентитетот на една личност. Дали процесот на повторно создавање во Македонија започна со промената на името на државата?
Името обезбедува можност за обележување, идентификување и легитимирање на државата и нацијата во меѓународниот поредок и станува дел од социјалната реалност, изразувајќи цели алтернативни светови на оваа реалност. Истовремено, името на државата е и вредносна категорија, зашто придонесува за заштита на идентитетот на една нација, како и за создавање нов идентитет во оние случаи во кои се менува природата на државата преку промена на нејзиното име. Да не се залажува некој. Името на државата и идентитетот опишуваат кои сте во моментот. Тоа е денешна претстава за тоа како се перципираме себеси на овој свет и како нѐ перципираат другите. Покрај тоа, под специфични околности, името ја прикажува државата, а со тоа ги претставува и ги презентира единствените и постојните состојби што може да се појават симболично и експресивно. Името на државата како една од алатките за заштита на идентитетот има и функција да ги потсетува членовите на нацијата за нејзината историја. Оневозможува идентитетот да биде „украден“ наместо да биде заборавен, преку промена на историјата како што ја знаете и сеќавањето за минатото.

„Никој не може да преговара за идентитетот и да го допре нашето право да бидеме Македонци“. Така беседеше некогашниот фејсбук-министер за надворешни работи Димитров, менувајќи го и продавајќи го името на државата. А токму името Македонија обезбедуваше можност за обележување и идентификување на македонската нација и нејзина заштита. Зарем по три години не е веќе очигледно дека македонската држава со променето име е во еден нов процес на исполнување на својата основана функција: создавање нов национален идентитет преку менување на историјата и сеќавањето за минатото. Македонската држава со променето име не е веќе синоним за нацијата и истовремено главна цел и стремеж на македонскиот народ од романтичните деведесетти. Затоа промената на името на државата не е површен и безначаен чин како што ме убедуваше власта. Зарем остана уште некој да верува дека ова што ни се случува во односите со Бугарија и со Грција е случајно. Проектот за етнички инженеринг за создавање нов „македонски идентитет“ и историја почна токму со промената на името на државата. Бугарските барања дека нашиот идентитет и јазик имаат бугарски корени се само дополнување и последица на Договорот од Преспа. Прво идентитетски нѐ обезличија за полесно идентитетски да нѐ преструктурираат. За жал, власта не го заштити името на државата, а со него и идентитетот на нацијата. Нѐ обезличи и продаде без свест и грижа за последиците.

Преименувањето на македонската држава се случи паралегално. Надвор од волјата на македонскиот народ. Преименувањето на државата може да се смета за општествено завршено веднаш штом новото име се користи во сите контексти каде што обично се појавува, или треба да се појави претходното државно име. Преименувањето на државата во оваа смисла бара години и е скап процес, затоа што името на државата се појавува на илјадници места. Власта брза да го затвори овој процес за да им угоди на други. Најмалку на својот народ. Но заборава или, едноставно, не знае дека за да може да се тврди дека преименувањето на државата е завршено, треба новото име да биде општо прифатено не само во официјалната комуникација туку и во секојдневната употребата, без специфичен притисок, и треба да постои генерално почувствуван консензус за употреба на новото име од страна на граѓаните. Конечно, можеме да се запрашаме дали преименувањето се случило и политички. Можеби би било подобро власта да си го постави ова прашање на овој начин: дали преименувањето е завршено во политичка смисла досега?
Разбирам дека на власта ѝ се брза. На менторите што работеа на промената на името им се брза. Што побрзо треба да се избрише општественото и политичко сеќавање на името Македонија и идентитетски да се преструктурира новата држава. Затоа новото име на државата не треба да го изразува историскиот континуитет. Ако може. Арно ама не може. Таа останува жива во позитивен контекст: како меморија или цел се појавува секаде каде што се критикува новиот режим или некои негови аспекти, предмет е на политичка носталгија и, генерално, критика на сегашната состојба. Затоа, без оглед на паничното брусењето на шахтите и обидите за промената на сеќавањето за претходната држава преку бришење на сѐ што е македонско, преименувањето на македонската држава во политичка смисла воопшто не може да се смета за целосно. А најмалку завршено.

Не верувам дека тоа е можно да се случи во блиска иднина, зашто Македонија останува во колективното сеќавање на македонскиот народ. Македонија, а не „Северна Македонија“, мнозинството граѓани на оваа држава ја сметаат за своја татковина. И така ќе остане. Не може едноставно со декрет да менувате име на држава, а притоа да отпишете милион и двесте илјади граѓани на оваа држава што беа против таквата промена.
Од толку што блеска, власта не може да види дека новото име на државата „Северна Македонија“ е неприроден израсток во свеста на македонскиот народ за својата држава. Диво месо во ткивото на македонскиот идентитет. Едно знам, во животот ништо не е вечно, како и во политиката. Па, така, и името „Северна Македонија“ не е завршена приказна. Дали ќе заврши како Сијам во 1948, поточно Тајланд, кој беше привремено преименуван во Сијам во 1946 година, останува да видиме. Сепак, македонскиот народ се прашува. А неговиот одговор за промената на името беше јасен.