Британецот Адам Пити беше прогласен за најдобар пливач на ЕП за освоените четири златни медали, на 50 и 100 метри градно и во штафетите 4х100 мешано и 4х100 мажи-жени, како и за новиот светски рекорд на 100 градно (57.10 секунди).
Швеѓанката Сара Сјестрем е најдобрата во женска конкуренција. Таа исто така освои четири злата, на 50 и 100 метри слободно и на 50 и 100 пеперутка, 10 години од освојувањето на првата европска титула на 14-годишна возраст, во Ајндховен 2008 година. Таа е олимписка шампионка на 100 метри пеперутка од Рио 2016-та и седумкратна светска првенка.
Со четири злата од ЕП се враќа и Русинката Јулија Ефимова, во дисциплините 50, 100 и 200 градно и во штафетата 4х100 мешано.
Пливач(к)ите на Русија се најтрофејни и најуспешни на 34-то Европско првенство (ЕП) во Глазгов со 26 освоени медали (10 златни 10 сребрени и шест бронзени). Втори по успешност се пливачите на Велика Британија, 24 медали (9-7-8), а трети на Италија со 22 (6-5-11) медали.