Ако не се постигне целосен договор, ќе падне предлог Скопје да стане набљудувач во НАТО, предвидува пратеникот од грчката опозициска партија Нова демократија и потпретседател на грчкиот парламент, Никитас Какламанис, во интервју за грчкото радио 247.
Тој смета дека тешко може да се постигне комплетен договор до јули, а како една од главните причина ја споменува промената на Уставот.
– Моето предвидување е дека на НАТО Самитот, бидејќи мислам дека нема до тогаш да се постигне договор, онака како што има бара Грција, особено за промените во Уставот, може да падне предлог на маса и да го прифати тоа владата на Ципрас и на Каменос, дека во ред, не е постигнат целосен договор, но да го ставиме Скопје во НАТО како набљудувач- вели Какламанис.
Пратеникот од Нова демократија, во интервјуто за радиото упати критики до грчката влада поради тоа што не ги известила опозициските партии и не формирала една национална линија, особено пред посетата на Коѕијас на Скопје. Тој додава дека за испратените грчки и македонски предлози за решение, дознале од медиумите.
– Правилно ќе беше, господинот Ципрас, самиот тој да ги повикаше лидерите на политичките партии да каже, ова е тоа што го предлагаме ние, овие работи ни ги предложија Скопјаните, можеме да создадеме една национална стратегија, пред да оди Коѕијас во Скопје? Ова не се случи и беше погрешно – вели пратеникот на најголемата грчка опозициска партија.