Капитенот на Реал Мадрид Серхио Рамос го постигна неговиот вкупно 15-ти гол во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во победата над Аталанта од 3-1 со која кралскиот клуб се пласираше во четврт-финалето.
Карим Бензема и Маркос Асенсио исто така ја затресоа мрежата на гостите од Италија, чиј единствен погодок беше дело на Луис Муриел. Реал на тој начин го доби двомечот со вкупен резултат од 4-1 по триумфот во првиот дуел од 1-0.
Рамос погоди од пенал во 60-та минута (негов 19-ти реализиран удар од белата точка во низа) со што стана втор стрелец меѓу дефанзивците во ЛШ, со еден гол помалку од водечкиот Роберто Карлос, кој своевремено беше негов соиграч во Реал Мадрид.
Згора, Рамос сега има повеќе погодоци во престижното натпреварување од неговиот тренер Зинедин Зидан (14 гола), како и од легендите на светскиот фудбал меѓу кои се Луис Назарио да Лима Роналдо (14), Мирослав Клосе (14)…
Искусниот стопер ќе има можност да го достигне рекордот на Карлос веќе во дуелите од четврт-финалето на ЛШ.
Во втората вечерашна средба Манчестер сити повторно беше подобар од Борусија Менхенгладбах со 2-0, исто како и во првиот натпревар, со што избори учество меѓу најдобрите осум екипи.
Утре од 21 часот се среќаваат Баерн – Лацио (прв меч 4-1) и Челси – Атлетико Мадрид (1-0).