Развојот на социјалното претприемаштво во Македонија е неопходно да биде стратегиски поддржано и да се интегрира во плановите за економски и одржлив развој. Во поддршката на социјалната економија е потребно да се вклучи пошироката бизнис-заедница, паралелно со јавните институции и агенциите, како и граѓанскиот сектор. Ова е ставот по тркалезната маса што здружението „Достоинствен работник“ ја одржа во рамките на проектот „Унапредување и одржување правични и продуктивни работни средини за развој на локалната заедница“, поддржан од швајцарската програма „Цивика мобилитас“.
Социјалното претприемаштво во Македонија е во своите првични стадиуми на развој, но постојните социјални претпријатија покажуваат дека има потенцијал за раст и развој на овој концепт и кај нас. За разлика од Европа, каде што социјалната економија придонесува за околу 10 проценти од БДП, а секое четврто новоотворено претпријатие е социјално, ние сме одвај на почетокот, соочувајќи се со голем број предизвици.
– Социјалните претпријатија се карактеризираат со тоа што, иако користат претприемачки принципи, се стремат да ѝ служат на заедницата. За разлика од другите бизниси, профитот кај овие претпријатија се реинвестира за постигнување конкретна општествена промена.
Нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој, обезбедуваат добра и услуги за маргинализираните и неразвиени заедници и вработуваат лица од ранливи групи – вели Стефан Чичевалиев, извршен директор на Опсерваторијата за социјално претприемаштво од Скопје.
Според здружението „Достоинствен работник“, за да се поттикне развојот на овој концепт на претпријатија, потребна е заокружена законска рамка на национални политики, која треба да овозможи дефинирање на социјалното претприемаштво и социјалните претпријатија во македонскиот контекст, отстранување на сите законски пречки за дејствување преку креирање флексибилни механизми, можност за социјални иновации, како и фискални и даночни бенефиции и добро осмислени, балансирани и сеопфатни стратегии.
– Развојот на социјалното претпријатие, како и почнувањето со кој било нов бизнис, е возбудлив и активен процес што бара многу посветеност и време. Тоа бара многу напорна работа, но еднакво треба да биде корисно и пријатно искуство. Нашето здружение во наредниот период ќе ги едуцира и зајакне професорите ментори на кариерните центри во средните училишта да го видат предизвикот и да ги вклучат учениците за нивно професионализирање при вклучување на пазарот на трудот – вели Рубинчо Аризанкоски, проект-координатор во здружението.