Во своја изјава за јавноста во врска со одредени индикатори што укажуваат на постоење на коруптивни елементи кај некои припадници на МВР, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски решително и недвосмислено ги повика сите граѓани, порачувајќи дека ги охрабрува сите оние што биле во допир со ваква појава да ги пријавуваат случаите за корумпирани полицајци!
Индикатори за корупција во полицијата
Работата на полицијата е директно поврзана со легитимитетот на институциите на државите, како и со чувството на безбедност и сигурност на граѓаните. Затоа, кога ќе се појави информација во јавноста дека постојат индиции дека и полицијата е заразена со корупција, тогаш нивото на разочараност, незадоволство, па и гнев кај граѓаните поради појавата на оваа општествена аномалија токму во „срцето на институциите“ енормно пораснува.
Но проблеми со корумпирани полицајци има речиси во сите држави низ светот, па не е исклучок ниту Македонија. Во една своја студија, граѓанските организации „Поинтпулс“ и „Аналитика тинк-тенк“ ги презентираа резултатите од нивното истражување со наслов „Мислењето на граѓаните за полицијата“, во кое се посочува и на одредени аномалии во работењето на некои припадници на полицијата.
Во својата опсервација на темава, пак, Институтот за комуникациски студии заклучил дека во неколку доверливи информации, македонските и српските власти биле предупредени за ситуации на корумпирани полицајци што се поврзуваат со одредени организирани групи мигранти од Пакистан и од Сирија.
И Европската комисија во својот извештај за напредокот во реформите на Македонија забележа дека е потребно да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители инволвирани во спречувањето и борбата против корупцијата, бидејќи корупцијата е сеприсутна во многу области, меѓу кои и полицијата.
Во своја објава на социјалните мрежи на оваа тема, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски напиша дека ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат случаите за корумпирани полицајци.
– Ги повикувам сите граѓани да се охрабрат и да ги пријавуваат ваквите случаи. Ред, правда, дисциплина! – напиша министерот Спасовски на својот фејсбук-профил.
Владимир Пивоваров, поранешен припадник на безбедносните служби на Македонија, а сегашен национален координатор за гранично управување, за „Нова Македонија“ вели дека овој проблем го имаат сите држави, како и нашата, а секаде каде што има сиви бизниси и сомнителни текови на пари постои и корупција во редовите и на полицијата и на царината.
– Сѐ е до менталниот склоп на професионалецот што работи за државата, во мојата практика сум сретнал луѓе што се алчни за пари, но и лица што не можат да бидат „купени“ за ниту една сума. Тоа е моралниот код на секој човек. Борејќи се со корупцијата во земјата, во мојата кариера имам спроведувано операции во кои се приведувале полицајци, цариници, пратеници и обвинители. Секогаш ќе постои битка со корумпираните, таа не може да се искорени, но може да се намали – вели Пивоваров.
Тој објаснува дека во моментов, живеејќи со пандемијата, случување што е најсклоно на коруптивни дејства кај вработените на границите е она што е поврзано со ПЦР-тестовите за докажување на заразеност од ковид-19.
– Во тој правец, Владата и нашите институции веќе спроведуваат проекти за соработка со нашите соседи на сите премини – вели Пивоваров.
Тој резимира дека битката со корупцијата е неопходна за побрзо да го изодиме нашиот пат кон Европската Унија, бидејќи преку сузбивањето на штетните дејства полесно ќе го достигнеме нивото на Брисел, по примерите што во минатото ги спроведоа Хрватска и Романија со справувањето на корупцијата во полицијата.
Магдалена Лембовска од „Евротинк“ вели дека адресирањето на корупцијата во полицијата е особено важно, затоа што работата на полицијата е директно поврзана со легитимитетот на институциите и чувството на безбедност и сигурност на граѓаните.
– Најважна алка во синџирот на спречување на корупцијата во полицијата е управувањето со човечки ресурси, пред сѐ процесот на вработување и унапредување, и тоа не само на вработување полициски службеници туку и други позиции во рамките на МВР. Овој процес мора да биде транспарентен и врз основа на заслуги, а личниот интегритет да биде еден од критериумите.
Полицискиот службеник, а особено оние на повисоки позиции, не смее да се доведе во ситуација со својот авторитет и положба да користи придобивки и поволности надвор од службата – вели Лембовска.
Таа подвлекува дека оваа институција се справува и со проблемот на политизацијата, бидејќи корупцијата не секогаш значи само директна финансиска корист на вработените во МВР.