По неполни два месеци голгота на жителите од зградите кај кичевската гимназија, конечно е отстранет дефектот во канализациската мрежа, по што престана непријатната миризба која се ширеше во целата околина.

Поради високите температури  и испарувањето, граѓаните од оваа густо населена населба во средиштето на градот, со денови не можеа ниту прозорец да отворат, ниту на тераса да излезат.

-Проблемот го предизвика малиот профил на канализациските цевки поставени пред 7-8 години за потребите на новоизградениот објект на кичевската гимназија, откако пертходно целосно била затната цевката која дотогаш била во употреба, поточно до изградбата на новиот објек. Така неможноста на новите цевки целосно да ги апсорбираат отпадните фекални води, предизвика излевање на повеќе шахти што придонесе жителите од соседните згради да се чувствуваат многу непријатно-вели Зенел Јонузи директор на ЈКП„ Комуналец“ Кичево.

За да се реши овој проблем од Комуналното претпријатие побараа помош од соодветното битолско претпријатие, за што оттаму била испратена екипа со специјално возило, кои во соработка со локалните колеги го отстранија дефектот.

-За да се надмине постечкиот проблем мораше да се пробие- оспособи канализациска цевка, која во соработка со битолските колеги беше пробиена, со што капацитетот за прифаќање на фекалните води многу поголем, а со тоа и проблемот целосно разрешен. Мора да истакнам дека нашите сограѓани крајно неодговорно се однесуваат кон јавните добра, фрлајќи во канализациската мрежа се и сешто, што предизвикува чест застој во протекот на фекалните води. Во изминатиот  период што се не сме наоѓале во цевките, од ќебиња, облека, предмети за домаќинство, до големи количества хартија. Најдобра потврда за граѓанската неодговорност е сликата што ја гледаме секојдневно на пречистителната станица, каде можат да се видат секаков вид предмети фрлани во градската канализациска мрежа- додаде директорот на кичевското Комунално претпријатие и посочи дека размислуваат да остварат повеќе средби со граѓаните за да ги посоветуваат да бидат поодговорни и да се потрудат овие појави целосно да се искоренат, ако се има во предвид дека странците сугерирале во канализациската мрежа да не се фрлаат ниту чепкални за уши, а камоли поголеми предмети кои ги предизвикуваат овие  застои.

З.А