Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со оглед на тоа што на 10 и на 14 март на македонската репрезентација ѝ претстои квалификацискиот двомеч со Данска за пласман на ЕП 2022, РФМ ќе треба брзо да реагира за изборот и назначувањето на новиот предводник на националниот сениорски тим

РАКОМЕТ

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и селекторот Данило Брестовац заемно се спогодија да ја прекинат соработката за ангажманот со машките ракометни сениори, соопшти РФМ на својата интернет-страница. Брестовац ја извршуваше оваа функција од јуни 2019 година.
Со Брестовац на чело Македонија обезбеди пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, што се играше во Австрија, Норвешка и во Шведска, кога беше освоено 15-то место. На Светското првенство (СП) во Египет, Македонија замина како прва резерва по откажувањето на Чешка поради големиот број ракометари и членови на стручниот штаб позитивни на коронавирусот и го освои 23-то место.
Брестовац е 20-от селектор што го предводел македонскиот национален тим. Со оглед на тоа што на 10 и на 14 март на македонската репрезентација ѝ претстои квалификацискиот двомеч со селекцијата на Данска за пласман на ЕП 2022 во Словачка и во Унгарија, РФМ ќе треба брзо да реагира за изборот и назначувањето на новиот предводник на националниот сениорски тим.
Селектори на ракометната репрезентација на Македонија биле и Раул Гонзалес, Лино Червар, Ивица Обрван, Звонко Шундовски, Илија Темелковски, Веселин Вујовиќ, Гино Стрезовски, Зоран Живковиќ, Драган Ѓукиќ, Љубомир Савески, Јошко Петковиќ, Драган Нишевиќ, Стојан Петрушевски, Драган Здравковски, Цане Крстевски, Стевче Стефановски, Ристо Трпчевски, Ванчо Јовановски и Славе Атанасовски.