Судот за спортска арбитража (САС) во Лозана му ја потврди казната од 10 години забрана за вршење каква било функција во фудбалот, како и паричната глоба од 100.000 швајцарски франци на поранешниот генерален секретар на Интернационалната фудбалска федерација (ФИФА), Жером Валк (57).
Валк беше суспендиран во 2015 година, кога беше утврдено дека го прекршил етичкиот кодекс на ФИФА во неколку наврати. Одборот за етика при ФИФА првично на Валк му изрече 12-годишна казна поради коруптивни работи поврзани со препродажбата на билети и ТВ-права за светските првенства (СП). Тој се жалеше на таа казна, по што Комисијата за жалби при ФИФА му ја намали казната на 10 години.
Валк „дејствувал против интересите на ФИФА и предизвикал значителна финансиска штета“, а користел и авионски летови за приватни цели со своето семејство на сметка на ФИФА.
Валк, кој беше задолжен за маркетингот во ФИФА пред да стане генерален секретар, го сметаа за десна рака на Сеп Блате, кој беше суспендиран најпрвин на осум, а потоа на шест години поради мито и корупција.