Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како градоначалник сакам да кажам дека успешно се справивме со предизвиците иако, нели, секогаш гледаме дека можело и подобро. Дополнително, Центар е најградската општина и општина во која има најголема раздвиженост, доаѓаат граѓани од сите општини, тука се сместени и поголем број државни институции. Бројот на заразени со ковид-19 беше голем, но морам да напоменам дека Центар е една од општините што навремено ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на населението, вели Богдановиќ

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР, САША БОГДАНОВИЌ

Како ќ́е ја оцените изминатава година како градоначалник?
– Оваа 2020 година беше тешка, полна со предизвици и тешки моменти. Затоа требаше да се носат брзи и храбри одлуки. Не смееше ни еден момент да загубиме и да задоцниме со некое решение, бидејќи тоа можеше да има последици по здравјето и животот на нашите граѓани. Да напоменам дека ова беше и изборна година, се одржаа предвремените парламентарни избори. Бидејќи вирусот беше непознат, заедно со предизвикот на одржувањето избори во вакви услови, моравме комплетно да се престроиме во работењето и животот. Како градоначалник сакам да кажам дека успешно се справивме со предизвиците иако, нели, секогаш гледаме дека можело и подобро. Дополнително, Центар е најградската општина и општина во која има најголема раздвиженост, доаѓаат граѓани од сите општини, тука се сместени и поголем број државни институции. Бројот на заразени со ковид-19 беше голем, но морам да напоменам дека Центар е една од општините што навремено ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на населението.

Што ќ́е издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
– Општина Центар и оваа година, во услови на пандемија, продолжи со предвидените активности. Без оглед на сите тешкотии на патот, помали и поголеми, успеавме да реализираме значајни проекти. Покрај редовните наши обврски и активности, како посебен и најголем проект би го издвоил комплетното реконструирање на градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ – објект „Пепелашка“. Со помош на Министерството за труд и социјална политика и финансиите добиени од Светската банка, успеавме по цели 65 години комплетно да ја реконструираме градинката и на дечињата таму да им овозможиме добри услови за дневен престој. Тука се и изградбата на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во ООУ „Киро Глигоров“, темелната реконструкција на објектот на поранешното Матично во дворот на Општината и пренамената во современ Младински центар, кој многу скоро ќе биде готов. Би ја искористил оваа пригода и да ги споменам активностите што како единица на локалната самоуправа ги реализиравме за заштита од коронавирусот – дезинфекција на улиците во општината, дезинфекција на влезовите во колективните станбени објекти, помошта што секојдневно им ја дававме на нашите сограѓани, поддршка на полицајците од ПС-Центар. Тука се и месечните социјални пакети што ги обезбедивме за нашите сограѓани од семејства со висок социјален ризик, превентивните мерки во основните училишта и градинките, помагавме и со дистрибуција на заштитни маски и гелови за дезинфекција итн. Навистина многу активности за полесно справување со предизвиците што ни ги донесе оваа година.

Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
– Годинава беше предизвик за сите нас. Од пандемијата научивме многу, почнавме повеќе да водиме грижа за нас и за нашите блиски, наоѓавме начини како да си помогнеме. Општина Центар покажа дека е одговорна и хумана општина чиј приоритет се граѓаните. Посакувам новата година што е пред нас да донесе нова енергија и нови можности, а моја најголема новогодишна желба е, секако, да ја добиеме битката како држава со опасниот вирус и сите заедно да работиме за подобар и поквалитетен живот.

Што ќ́е посакате за вас и општината за 2021 година?
– Најпрво посакувам сите добро да нѐ̀ служи здравјето. Знаеме низ што сѐ̀ поминавме оваа година, научивме многу нови работи, моравме да се соочиме и да научиме да живееме на дистанца, да сфатиме колку е скапоцено здравјето, да носиме заштитни маски и да не другаруваме како што знаеме и да се собираме и за добро и за лошо. На професионален план, посакувам уште повеќе и посилно да реализираме проекти во интерес на граѓаните. Само така ќ́е успееме во нашата цел, да ја направиме Општина Центар уште поубаво и современо место за живеење.

На што ќ́е се фокусирате во 2021 година?
– Имаме уште многу работа пред нас. Повеќе проекти и активности за заштита на животната средина, за почист и еколошки Центар. Ќ́е се посветиме и на санирање на уличната мрежа и на нормализирање на сообраќајот во општината. Тука ќ́е го споменам и проектот за нова градинка во населбата Пролет, каде што децата ќ́е можат да ги направат своите први чекори во една современа градинка, која ќ́е биде изградена по сите европски стандарди. На ова ќ́е го надоврзам и проектот за доградба на основното училиште „Коле Неделковски“, со што ќ́е го зголемиме капацитетот на училиштето, за децата што посетуваат настава таму да не мора да одат во две смени, како досега. Секако, со уште позасилено темпо ќ́е ги извршуваме нашите редовни обврски и во наредната 2021 година.

Што ќ́е им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
– Посакувам да ги служи здравјето, сите да живеат во благосостојба, многу успеси на личен и професионален план и многу убави работи пред нив. Посакувам и крај на пандемијата на ковид-19, да можеме по една потешка и непредвидлива 2020 година сите заедно да продолжиме со нормалниот начин на живеење.

[email protected]