Во своето обраќање по повод 100 дена Влада, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се осврна на тековните активности, преземените обврски, заложби и долгорочните цели на МИОА. Toj посочи дека продолжува имплементацијата на мерките за зајакнување на активната транспарентност на работата на институциите.
Шаќири информираше дека почната е подготовката на Законот за дигитална агенција, која, како што рече, ќе се оформи во 2021, како централна институција за спроведување на процесот на дигитализација во општеството, но и целосна ИТ-поддршка за државните институции.
– Дигиталната агенција е неопходност на нашиот јавен сектор и јас сум целосно посветен тој процес да го предводам и очекувам максимална поддршка од Владата во финансирањето на тој процес. Тука спаѓа и проектот за државен клауд-систем, којшто исто така јас веќе не само што го иницирав, туку поднесовме и проектно фише во првите 100 дена пред донаторите од ЕУ како еден од приоритетните проекти, со којшто треба да гарантираме едно централно место, државен центар во којшто ќе се постават сите системи на јавниот сектор. Не помалку важно е и подобрувањето на мрежната инфраструктура, бидејќи, како што знаете, Република Северна Македонија мора да ги надгради оптичките мрежни капацитети со цел користење на најмодерните технологии и ИТ-решенија – рече министерот Шаќири, додавајќи дека овие проекти ќе се имплементираат со помош на фондови како што се Светска банка и Инвестициската рамка на Западен Балкан, како и ИПА-инструментот на ЕУ.
МИОА во септември започна со друг ИПА-проект, наменет за подобрување и проширување на владините и јавните електронски услуги, што ќе трае три години, при што 40 регистри и услуги ќе бидат готови до лето, а до крајот на проектот вкупно ќе има нови 135 електронски услуги за граѓаните и бизнисите. Дополнително, министерот посочи дека, во соработка со Министерството за образование и наука веќе се пуштени во употреба 6 нови електронски услуги, како што се услугите за нострификација на дипломите, како проект преку британската амбасада.
Шаќири се осврна и на потпишувањето на два меморандума со кои ќе се продлабочи соработката во областите на 5Г, интероперабилност и други области, во насока на дигитална интеграција, безбедна размена на податоци и поголемо меѓусебно поврзување со земјите од Западен Балкан, соработка во однос на кибербезбедноста и потпишувањето меморандумот со „Мастеркард“ за обезбедување електронска идентификација и доверливи услуги.
Во однос на реформите во јавната администрација, министерот потенцираше дека, согласно Акцискиот план на Стратегијата за РЈА(2018-2022), во приоритетната област, Јавна служба и управување со човечки ресурси, е предвидено изменување и дополнување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.
Паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, рече министерот, во тек е процес на структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, кој ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување линии на отчетност на високите раководители.
Во однос на слободата на медиумите, министерот Шаќири потенцираше дека тоа останува еден од главните приоритети на Министерството за информатичко општество и администрација, кое останува отворено за соработка.