Фото: Игор Бансколиев

Климатските промени, сушите, растот на популацијата и загадувањето
предизвикаа водата да стане берзанска стока

Водата од овој месец им се придружи на златото, нафтата и на другите ресурси и минерали со кои се тргува на берзата на Волстрит.

На американската берза почна тргувањето со „слатка“ вода

Аналитичарите во светот пишуваат дека токму со овој чин се покажува колку водата како ресурс е вреден, дека ќе нараснува нејзината вредност и всушност колку како ресурс е ограничен.
Американскиот магазин „Блумберг“, пак, информира дека од овој месец земјоделците и инвестициските фондови ќе можат да тргуваат за потенцијален недостиг од вода, откако на берзата се објавија информации од калифорнискиот пазар за вода вредни 1,1 милијарда долари. Според наводите на американската компанија што тргува на берзата „Групација ЦМЕ“, информациите ќе им помогнат на корисниците на водата подобро да управуваат со ризиците и поадекватно да ги усогласат понудата и побарувачката.
– Тоа всушност не значи дека ќе се тргува со водата за пиење од водоводите на комуналните претпријатија, туку со договорите од оваа област – пишува „Блумберг“.
Според медиумот, додека инвеститорите тврдат дека тоа е добар механизам за унапредување на ефикасноста на потрошувачката на водата, аналитичарите велат дека со тоа отвораат можност за вештачко кревање на цената на водата, особено кога во САД годинава се очекува во септември земјата да биде зафатена со топлотни бранови и пожари по западниот брег.
– Климатските промени, сушите, растот на популацијата и загадувањето веројатно во следните години ќе поттикнат голем раст на цената на водата – го објаснува овој феномен Дин Дреј, аналитичар и директор на „РБЦ капитал маркетс“.
Како што пишува „Блумберг“, уште сега снабдувањето со вода е голем проблем за две милијарди луѓе, а во следните години би можело да стане проблем за две третини од светската популација.

Македонска перспектива на феноменот на пивката вода

Општо познат факт е дека нашата држава е една од ретките земји во светот што има исклучително богати водни резерви со висок квалитет и дополнително располагаме со свој голем шумски ресурс и солидни количества минерали и суровини.
Свое видување на овие случувања за нашиот весник изложи експертот од областа на шумарството и водостопанството, професорот на Шумарскиот факултет д-р Александар Трендафилов. Тој вели дека имајќи ги на ум процесите со глобално затоплување, него воопшто не го изненади бизнис-трендот што иницира заработка од водните ресурси. Но тој значајно додава дека станува збор за многу опасно случување.
– Многу светски аналитичари, научни трудови и анализи истакнуваат дека сѐ во светот се случува со причина, односно сите војни се водат за ресурси, а водата со сигурност во иднина ќе биде еден од нив. Па токму затоа како држава треба многу внимателно да ги следиме овие настани – вели Трендафилов.
Професорот препорачува дека агресивниот бизнис во тесна врска со глобалната политика треба да ги тргне рацете од нашите природни богатства и, од друга страна, дека тие не се на распродажба. Природните ресурси и богатства се национални и им припаѓаат на сите во оваа земја. Професорот Трендафилов силно нагласува и апелира дека треба многу систематски и аналитички да внимаваме на нив.

– Македонија има своја историја кога станува збор за концесии и бизнис-интереси на нашите шумски, водни и минерални суровини. Додека извршував високи државни функции, честопати се сретнував со меѓународни претставници што се обидуваа да ни ја „протуркаат“ агендата, странскиот бизнис-партнер со што помала државна контрола да ги ползува нашите природни богатства. Досега, како држава успеваме некако да се заштитиме, а како ќе биде во иднина е тешко да се каже – вели професорот.
Според него, во поранешната држава имало стручна студија сите водни капацитети да се спојат во еден централизиран систем што би бил полесен за мониторирање, каде што би се управувала и водата за пиење и онаа за наводнување, па дури и онаа наменета за вештачките езера и слично, но тој процес сѐ уште не е готов, „заглавил“ со транзицијата во земјата.
– Богатството на една земја треба домаќински да се чува, особено кога станува збор за бесценетите ресурси како водата, шумите и минералите. Јас кога на терен разговарам со луѓето, често знам да им кажам дека и да пронајдат извор на вода во својата дневна соба, тој им припаѓа на сите граѓани во Македонија. Па оттука и одговорноста за заштита на истите тие припаѓа на нашиот колектив и свест. Доколку сето биде оставено само врз бизнис-логиката и врз основата на краткорочен профит од концесии, набргу ќе ни се осиромаши и природната резерва што ја поседуваме, па затоа кон оваа проблематика мораме да имаме сериозен пристап и крајно одговорно размислување, бидејќи од него ќе зависи опстанокот на нашиот народ, нација и држава – резимира професорот.


Снемува ли во светот вода за пиење?

Две третини од светот се покриени со вода, односно има над една милијарда трилиони литри вода. Поголемиот дел од водата на земјата е солена вода и затоа не е погодна за човечко консумирање.
Во своја анализа на оваа тема, „Дојче веле“ информира дека само 2,5 отсто од водата е слатка вода. Дополнително, според медиумот, од овие 2,5 проценти повеќе од две третини се замрзнати на половите и во глечерите.
– Кога ќе се пресмета сѐ, собере и одземе, ни останува многу мал дел од водата што човештвото може да ја користи за пиење, за готвење, за наводнување на земјоделски култури и како вода за добитокот – заклучува „Дојче веле“.
Медиумот потсетува дека според една студија од 2016 година, која ја направил Универзитетот во Твенте во Холандија, четири милијарди луѓе би можеле да се соочат со сериозен недостиг ог вода во период од најмалку еден месец секоја година.
– Во некои региони луѓето веќе се сериозно погодени од суши и недостиг од вода. На пример милиони луѓе на Рогот на Африка се соочуваат со глад и болести по неколкугодишна суша, а Пакистан може да пресуши комплетно до 2025 година – се сугерира во извештајот на универзитетот.
За „Дојче веле“, Јоханес Шмистер, експерт за вода од ВВФ Германија, вели дека локално проблемот е многу сериозен и сите достапни бројки и согледувања на глобално ниво укажуваат на тоа дека ситуацијата ќе стане потешка.

[email protected]