Се прават подготовки Собранието да работи онлајн
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднесе предлог за измени на собранискиот деловник со кои ќе биде овозможено Собранието да работи на далечина. Измените се по скратена постапка и се во насока на овозможување непречена работа на законодавниот дом, велат во соопштение од собраниската прес-служба.
– Имајќи ја предвид новонастанатата состојба предизвикана од коронавирусот, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат со новонастанатата здравствена состојба – стои во соопштението.
На инфективните одделенија се лекуваат 701 пациент
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 549 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Во регионалните центри во Битола и во Штип се хоспитализирани дополнително 152 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на ковид-19 што болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 701. Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат и дополнителни легла.
Бројките се менуваат од час на час, според направените приеми и исписи на пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.134 и има колку 100 празни болнички кревети во ковид-центрите.
„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, стои во соопштението на министерството.
На лицата со попреченост ќе им се овозможи пристап до сите институции
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вчера се сретна со претставници на здружението на лица со посебни потреби „Сос вита“ од Скопје, а на средбата разговараа за постојните решенија и поддршка на лицата со попреченост во нашето општество, но и унапредување на нивните права и услови за поголема вклученост во општественото живеење.
– Ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и им овозможуваме нивно подобро функционирање. Го зголемивме додатокот за лицата со попреченост за 15 отсто, а ќе им овозможиме и пристап до сите институции до крајот на мандатот до 2024 година – кажа Шахпаска.
Покрај паричните права во постојниот закон, се оди и со давање социјални услуги на лицата со попреченост во нивниот дом, во нивната заедница, за што во тек е склучување договори со 24 општини како даватели на услуги.