Враќањето на опозицијата во парламентот е важно за Владата заради гласањето на законите од планот 3-6-9, за кои е потребно двотретинско мнозинство. Имено, и покрај тримесечниот бојкот од страна на опозицијата на работата на Собранието, според премиерот Заев, меѓупартиските работни групи работеле и имаат усогласено голем дел од законските решенија, а некои се и целосно усогласени. За кои законски решенија всушност станува збор и кои се планираните активности до споменатиот рок 17 април. Од Владата сметаат дека се постигнати реформи во клучните области што произлегоа од извештаите на високата експертска група на Рајнхард Прибе и од заклучоците на преговорите во Пржино.
Клучните реформски приоритети се однесуваат на обезбедувањето услови за функционален демократски парламент; на реформите во правосудството; на реформите во медиумите; на борбата против организираниот криминал и корупцијата; на реформите во јавната администрација; на реформите во безбедносните служби; на промените за обезбедување фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации, како и на кохабитацијата со претседателот на државата. За разлика од Владата и СДСМ, кои се задоволни од ефикасноста на спроведувањето на реформите од планот 3-6-9, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој пакет на владини реформи не ги дале очекуваните резултати, односно доживеал дебакл.
Ваквите дијаметрално спротивни процени на успехот во спроведувањето на планот 3-6-9, клучен за добивање неусловена препорака на Европската комисија за започнување преговори за членство во ЕУ, го наметнуваат прашањето каде е вистинската, односно реалната процена за спроведувањето на реформските процеси. – Реалната ефикасност од спроведувањето на реформите од планот 3-6-9 е некаде на средината. Ниту е исполнето сѐ како што велат од Владата, ниту пак е целосен дебакл како што тврди опозицијата – вели Зоран Начев, постар истражувач од Институтот за демократија, кој работи на проект токму за следење на спроведувањето на планот 3-6-9, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, во соработка со Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија. Според резултатите од истражувањата на Институтот за демократија, во делот 3 од планот 3-6-9 се исполнети 41 отсто од предвидените активности, но во делот 6 има зголемена ефикасност, па се исполнети 52 отсто од активностите.
За делот 9 сѐ уште немаат целосни податоци, со оглед на тоа што не е истечен крајниот рок, односно 17 април. – Од страна на Владата малку пребрзо беше кажано дека сѐ е завршено од планот 3-6-9. Всушност, сите изјави во овој период кога треба да бидат изгласани во парламентот законите за кои е потребно двотретинско мнозинство, се повеќе на работ на партиски шпекулации и во функција на собирање политички поени. Претпоставував дека ако веќе се усогласени законските решенија на меѓупартиските работни групи, изгласувањето во Собранието би требало да оди брзо. Но тука веќе се работи за политички игри и надмудрувања – проценува Зоран Начев. На прашањето дали е потребно целосно исполнување на планот 3-6-9 за добивање безусловна препорака од Европската комисија, Начев вели дека тоа не е неопходно. – По објавувањето на планот 3-6-9, Владата има добиено една т.н. скратена верзија на условите што треба да се исполнат од канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Таа верзија не е објавена и не се знае кои услови се поставени како приоритетни, но извесно е дека не треба целосно да биде исполнет планот 3-6-9. Според изјавите на европските високи функционери (Хан, Могерини…) многу е веројатно дека Македонија овој пат ќе добие чиста препорака за почеток на преговорите. Но не зашто се исполнети сите активности предвидени со планот 3-6-9, туку повеќе како политички поттик до Владата да продолжи со реформските процеси за европска интеграција. Сепак, останува можноста дека оцената може да се смени, во зависност од политичките настани и одлуки што ќе се случуваат до 17 април – вели Зоран Начев од Институтот за демократија.