Ханибал, синот на убиениот либиски лидер Моамер Гадафи, неодамна доби судска забрана за напуштање на Либан во рок од една година, со што повторно се актуелизира прашањето за судбината на семејството Гадафи, пишува весникот „Ашарк Ал-авсат“. На Ханибал му е забрането да го напушти Либан, откако беше обвинет дека „формирал терористичка организација, организирал киднапирања и обид за убиство“.
Петтиот син на Гадафи, моментно, отслужува затворска казна од една и пол година поради навреди упатени кон либанското судство. Либанските власти го приведоа во 2015 година, во рамките на истрагата за исчезнувањето на Муса ал-Садр и двајца негови придружници во текот на посетата на Либија, на покана на Моамер Гадафи во 1978 година.
Поддржувачите на Ханибал бараат негово ослободување од затворот во Либан, со образложение оти тој не треба да биде казнет за делата на неговиот татко, додека другите бараат од либиските власти да ги соопштат информациите за неговиот случај на јавноста.
Три од деветте деца на Гадафи беа убиени од бунтовниците во Либија, вклучувајќи го Матасем Белах, кој беше државен советник за безбедност. Преостанатите шест се наоѓаат во различни држави. Ал-Сади е затворен во Триполи (поради обвиненија за киднапирање и финансирање терористички групи), Ханибал е притворен во Либан, додека не е познато каде се наоѓа Саиф ал-Ислам. Сопругата на Гадафи Сафија Фаркаш замина за Алжир со нејзината ќерка Аиша, а најстариот син на Гадафи, Мохамед (од бракот со првата сопруга Фатиха ал-Нури), се пресели во Оман. Нивната посвоена сестра Хана, веројатно загина во американските воздушни напади на Триполи во 1986 година, кога беше на четиригодишна возраст.
Во Либија постојат поделени мислења за иднината на синовите на Гадафи, како и за нивното останување во државата.
– Постојат одредени племиња и политички партии на кои не им пречи нивното враќање во Либија, а дури го поддржуваат и нивното вклучување во политичкиот систем – кажал неименуван извор за весникот, додавајќи оти други партии не сакаат да ги видат синовите на Гадафи во политиката.
Тоа особено се однесува за Саиф ал-Ислам, кој е баран од либиските власти откако во отсуство беше осуден на смрт, во 2015 година, поради „задушување на револуцијата во 2011 година“. Згора, Меѓународниот суд бара Саиф да биде суден за злостроства против човештвото во текот на владеењето на неговиот татко.
Шестиот и седмиот син на либискиот лидер, Саиф ал-Араб и Хамис, биле убиени на 30 април, односно во август 2011 година, по нивното враќање во Либија од Минхен, односно од САД.
Моамер Гадафи беше убиен во Сирт на 20 октомври 2011 година, во народниот бунт во Либија.