Проценувањето на долгорочните ефекти од актуелната пандемија не значи дека точно може да се предвиди иднината, туку е вежба во оценувањето на шансите и приспособувањето на актуелните политики. Пет сценарија се во игра кога се мисли на меѓународниот поредок во 2030 година
Не постои сигурна иднина сè додека не се случи, а секој обид да се замисли геополитика по пандемијата на ковид-19 мора да вклучува низа можни варијанти на неа. Предлагам пет веродостојни сценарија за 2030 година, но очигледно може да се замислат и други.
Крај на глобализираниот либерален поредок. Светскиот поредок воспоставен од САД по Втората светска војна создаде рамка на институции што доведоа до извонредна либерализација на меѓународната трговија и финансии. Дури и пред пандемијата на ковид-19, овој поредок беше оспоруван од подемот на Кина и растот на популизмот во западните демократии. Кина имаше корист од поредокот, но, како што расте нејзината стратегиска тежина, таа сè повеќе инсистира на поставување стандарди и правила. САД ќе бидат против тоа, институциите ќе слабеат и ќе се зголемуваат апелите за суверенитетот. САД ќе останат надвор од Светската здравствена организација (СЗО) и Парискиот климатски договор. Ковид-19 ќе придонесе за шансите на ова сценарио со слабеењето на американскиот „системски менаџер“.
Авторитарен предизвик сличен на 1930-тите. Масовната невработеност, зголемената нееднаквост и нарушувањето на заедницата од економски промени поврзани со пандемијата ќе создадат поволни услови за авторитарни политики. Нема да недостигаат политички претприемачи подготвени да го користат националистичкиот популизам за да добијат моќ. Нативизмот и протекционизмот ќе бидат во подем. Царините и квотите за стоки и луѓе ќе се зголемат, а доселениците и бегалците ќе станат жртвени јагниња.
Авторитарните држави ќе настојуваат да ги консолидираат регионалните сфери на интерес, а различните видови интервенции ќе го зголемат ризикот од насилен конфликт. Некои од овие трендови беа видливи пред 2020 година, но слабите изгледи за закрепнување на економијата, како резултат на неуспехот да се справат со пандемијата на ковид-19, ја зголемуваат веројатноста за ова сценарио.
Светски поредок во кој ќе доминира Кина. Бидејќи Кина научи да се справи со пандемијата, економското растојание помеѓу неа и другите големи сили драматично ќе се менува. Економијата на Кина ќе ја надмине онаа на САД, која ќе биде во опаѓање во наредните пет години, а исто така Кина ќе ја прошири својата доминација над некогашните потенцијални кандидати како Индија и Бразил. Во својот дипломатски брак од интерес со Русија, Кина сè повеќе ќе станува доминантниот партнер. Не е изненадувачки што Кина би барала почит и послушност во согласност со својата зголемена моќ. Иницијативата „Појас и пат“ ќе се користи за да се влијае не само на соседите туку и на далечните партнери, како Европа и Латинска Америка. Гласовите против Кина во меѓународните институции ќе станат прескапи, бидејќи тие ќе ја загрозуваат кинеската помош или инвестиции, како и пристапот до најголемиот светски пазар. Бидејќи западните економии беа ослабени во однос на Кина од пандемијата, кинеската влада и големите компании ќе бидат во можност да ги преобликуваат институциите и да постават стандарди според нивниот вкус.
Зелена меѓународна агенда. Не сите варијанти за иднината се негативни. Јавното мислење во многу демократии ќе почне да дава поголем приоритет на климатските промени и на зачувувањето на животната средина. Некои влади и компании ќе се преструктуираат за да се справат со вакви проблеми. Дури и пред ковид-19 можеше да се предвиди меѓународната агенда во 2030 година, дефинирана од фокусот на земјите кон еколошките прашања. Со истакнување на врските помеѓу здравјето на луѓето и зачувувањето на природата, пандемијата ќе го забрзува усвојувањето на оваа агенда.
На пример, американската јавност забележа дека трошењето на 700 милијарди американски долари во одбраната нема да спречи ковид-19 да убие повеќе Американци отколку што загинаа во сите војни по 1945 година. Во променета домашна политичка средина, американскиот претседател би вовел „Маршалов план за ковид-19“, за да обезбеди брз пристап до вакцините за сиромашните земји и да го зајакне капацитетот на нивните здравствени системи. Маршаловиот план од 1948 година беше во личен интерес на Америка и истовремено во интерес на другите земји, а имаше огромно влијание врз обликувањето на геополитиката во следната деценија. Таквото лидерство ја зајакна меката моќ на САД. До 2030 година, зелената агенда ќе прерасне во добра домашна политика, со сличен значаен геополитички ефект.
Повеќе од истото тоа. Во 2030 година, ковид-19 ќе изгледа исто како големата епидемија на грип од 1918-1920 година од гледна точка на 1930 година, но и со слични ограничени долгорочни геополитички ефекти. Претходните услови сè уште ќе важат. Но заедно со растечката кинеска моќ, домашниот популизам, поларизацијата на Западот и повеќето авторитарни режими, ќе постои одреден степен на економска глобализација и зголемена свесност за важноста на глобализацијата на животната средина, поткрепено со неволното признание дека ниту една земја не може да реши проблеми ако дејствува сама. САД и Кина ќе успеат да соработуваат за пандемиите и климатските промени, дури и кога ќе се натпреваруваат за други прашања, како што се ограничувањата за навигацијата во Јужно или Источно Кинеско Море. Пријателството ќе биде ограничено, но со ривалството ќе се управува. Едни институции ќе слабеат, други ќе се санираат, а трети ќе се отворат. САД ќе останат најголемата сила, но без степенот на влијание како во минатото.
Секое од првите четири сценарија има околу една шанса од десет да ги оствари предвидувањата за иднината во 2030 година. Со други зборови, шансите се помалку од половина дека влијанието на сегашната пандемија на ковид-19 длабоко ќе ја преобликува геополитиката до 2030 година. Неколку фактори може да ги изменат овие веројатности. На пример, брзиот развој на ефективни, сигурни и евтини вакцини, кои ќе бидат широкораспространети на меѓународно ниво, ќе ја зголеми веројатноста за континуитет и ќе ја намали веројатноста за авторитарни или кинески сценарија.
Но ако реизборот на Доналд Трамп ги ослаби сојузите на Америка и меѓународните институции или ѝ наштети на домашната демократијата, ќе се намалат шансите да се остварат сценаријата за континуитет или зелената агенда. Од друга страна, ако Европската Унија, првично ослабена од пандемијата, успее да ги сподели трошоците од одговорот на членките, таа може да стане важен меѓународен актер и да ги зголеми шансите за зеленото сценарио.
Можни се и други влијанија, а ковид-19 може да создаде важни домашни промени поврзани со нееднаквостите во здравствената заштита и образованието, како и да поттикне создавање подобри институционални договори за подготовка за наредната пандемија. Процената на долгорочниот ефект на тековната пандемија не значи дека точно може да се предвиди иднината, туку е вежба за оценување на шансите и приспособување на тековните политики.
Авторот е професор на универзитетот „Харвард“