Сите граѓани, кои во овој продолжен викенд, односно на 10, 11 и 12 октомври, ќе купуваат домашни производи и услуги или производи од ИТ-индустријата до 30.000 ден, ќе го добијат назад целиот износ на ДДВ, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.
– Оваа мерка, која е дел од четвртиот пакет-антикризни мерки, станува достапна за 350.000 корисници на апликацијата ‘Мој ДДВ’, но и за нови корисници, кои ќе ја инсталираат апликацијата. На граѓаните што ќе пазаруваат домашни и производи од ИТ-индустријата меѓу 10-12 октомври, по неколку дена на трансакциските сметки, ќе им биде извршен поврат на целиот ДДВ од купените производи – објасни пратеничката и додаде дека викендот без ДДВ значи пари назад на сметките на граѓаните и зајакнување на домашниот буџет.
Лукаревска исто така нагласи дека за само една година преку мерката „Мој ДДВ“ веќе се вратени над 11 милиони евра кај граѓаните.