Љубљана – Словенија размислува за воведување карантин за младите што се враќаат од летување во Хрватска и се сметаат за најризична група за ширење на коронавирусот, изјави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс. Епидемиолозите на Владата можат да ѝ предложат повеќе опции, вклучувајќи и карантин за граѓани на возраст од 15 до 35 години, кои и покрај предупредувањата, одат по ноќни клубови и слични места на Јадранско Море, не почитувајќи ги епидемиолошките мерки и физичкото растојание. (МИА)

Тирана – Американската армија објави испорака на беспилотни летала и софтвер за албанското министерство за одбрана како краен корисник. Првата голема инвестиција во градењето на капацитетот на албанските вооружени сили со беспилотни системи треба да резултира со опремување на армијата со мал погон на батерии и рачно лансиран беспилотен систем, пред сѐ, за собирање разузнавачки информации, надзор, откривање и за поморска патрола, задачи за пребарување и спасување и шверц со дрога. („Макфакс“)


Бисер балкански

Багер-мафија

Професионална банда што оперира во голем стил ги краде големите градежни машини и ги препродава во источните земји од Европа. Огромните багери и товарачи исчезнуваат за миг, а трагата на „багер-мафијата“ води на Балканот, во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, пишува германскиот весник „Шпигел“. Според истражувањето на овој весник, градежните машини прво се складираат во изнајмени хали. Тука се менуваат типските ознаки и бројот на шасијата. Професионалните криминалци ги деактивираат системите за навигација и ИТ-системот.

Потоа машините се пренесуваат преку граница и се преземаат од фирми од Источна Европа. Штетите од овој бизнис се огромни за домашните градежни компании. Само во Хамбург во последните три години исчезнале 16 товарачи.
Крадците на градежни машини применуваат ист начин, претставувајќи се како обични купувачи, отвораат жиро-сметка и официјално ги изнајмуваат скапите машини. Кражбите се прават преку изнајмување градежни машини со злоупотреба на идентитетот на некоја фирма, но и едноставно со одземање на возилата од градилиштата што не се доволно чувани.