Претседателот на Собранието, Тала Џафери изјави дека утре тој ќе ја води конститутивната седница.
Џафери денеска ја напушта Клиниката за инфективни болести, каде беше хоспитализиран поради пневмонија и сомнеж за ковид-19.
– Се чувствувам добро и мислам дека веќе е извесно дека јас ќе претседавам со конститутивната седница утре – изјави Џафери.
Инаку, седницата е најавена за утре напладне да се одржи во големата сала со купола, каде може да биде обезбедено соодветно растојание меѓу пратениците, собраниските службеници и други лица кои треба да се присутни.
Ќе се гласа со рака, со картончиња во три бои, зелена, жолта и црвена бидејќи во оваа сала нема инсталирано систем за гласање.
На секој што ќе влезе во собраниската зграда ќе му биде измерена температура а пратениците и другите поканети гости ќе бидат прифаќани од протоколот и спроведувани точно до местото каде што ќе треба да седат.