Германски суд одлучи
Чоколадото „ритер“ е единственото во Германија што смее да се продава во неговата карактеристична квадратна форма, донесе пресуда германскиот Врховен суд, одбивајќи ја тужбата од конкуренцијата.
Судот сметал дека квадратниот облик на чоколадото „ритер спорт“ не е само плод на функционалност, туку и на креативен дизајн.
– За другите производители на чоколади не е клучно да ги нудат своите производи во квадратна форма – стои во пресудата.
Станува збор за тужба што ја поднела компанијата „Монделез“, производител на чоколадото „милка“. Конечната пресуда стави крај на десетгодишната правна битка во која „милка“ бараше да му се укине ексклузивното право на „ритер“ за таков облик на чоколадо.
– Среќни сме што и во иднина ќе биде обезбедена заштитата на нашиот бренд, кој го негувавме веќе со децении. За нас квадратниот облик на чоколадото има иста вредност како и виолетовата боја на пакувањето на конкуренцијата – велат од компанијата „Алфред Ритер“.
Брендот „Ритер Спорт“ е основан во 1912 година, а квадратниот облик е дизајниран во 1932 година, кога коосновачката Клара Ритер одлучила дека чоколадите мора да се вклопат во секој џеб од јакна без да се скршат.