Постојат некои мислења дека ова би довело до рекомбинација на вируси, но тоа не е точно затоа што тие се сосема различни вируси. Здравствените установи ќе треба да прават многу серолошки тестови за да видат што е во прашање. Секогаш се штеди на тие тестови на антиген, но тоа не треба и не смее да се случува
Светски познатиот виролог д-р Ана Глигиќ тврди: Да го фатиме ковид-19 за опашка и за глава
Светски познатата научничка, виролог и поранешна шефица на лабораторијата во институтот „Торлак“ од соседна Србија, д-р Ана Глигиќ, која беше на чело на тимот што во седумдесеттите години од минатиот век го изолира вирусот на големи сипаници или вариола вера, изрази надеж дека овој бран на вирусот ќе биде проследен со затишје. Пренесуваме делови од нејзиното оптимистичко интервју како врвен стручњак во регионот од оваа област, дадено за белградска „Политика“, и во нашата јавност.
– Животот мора да се врати во нормала. Затоа што ако продолжиме да живееме со ова оптоварување, би следувала катастрофа, и психичка и економска. Сепак, мора да бидеме свесни дека ковид-19 никогаш нема да исчезне од нашето опкружување. Тоа значи дека вирусот ќе мора да протатни низ нас или ќе добиеме вакцина. Некогаш беа потребни две или три години за да идентификувам вирус и тоа со помош на универзитетот „Јејл“ во САД. Мора да го фатиме ковид-19 за опашка и за глава, сликовито кажано – вели д-р Глигиќ.
Постојат предвидувања дека ќе се бориме со оваа чума две или три години?
– Тоа не е исклучено. Но вирусот нема да има толку силен интензитет кога ќе помине овој бран.
Дали ви се чини дека, можеби, вирусот мутирал?
– Проучував публикации на кои работев во однос на други вируси што се јавуваа природно. Според сите карактеристики, епидемиите се случуваат во три врва. Тоа значи, се појавуваат, паѓа интензитетот, па мислиме дека сè е готово, а потоа епидемијата повторно бувнува. Сегашнава состојба одговара на тоа. Најверојатно вирусот мутира, но бидејќи немаме сопствени истражувања – не можеме со сигурност да кажеме. Сепак, друго објаснување нема. Мислам дека се случуваат некои мутации. Имам некои информации за тоа, но не смеам да зборувам во јавност. Го слушав обраќањето на продеканката при Медицинскиот факултет во Белград д-р Тања Јовановиќ, која рече дека работат на тој вирус и притоа се евидентирани мали, мали точки на промена во геномот, но сѐ уште не знаат колку влијаат на промената на самиот вирус. Таму имаат добро развиена пи-си-ар техника и знаат многу.
Некои лекари веруваат дека покрај ковид-19 постојат и други вируси со слични симптоми?
– Некои пациенти завршуваат на Клиниката за инфективни болести со симптоми на респираторна инфекција, без ковид-19. Вирусолозите треба да ги добијат тие материјали и да ги тестираат луѓето на други респираторни вируси. Притоа не треба да заборавиме и на другите болести како што е вирусот западен нил, кај кој е преносител комарецот. Епидемијата на болеста се појави во 2011 година и сега е време да се појави уште една епидемија. Исто така, другите вируси на корона, потоа аденовирусите, сите тие треба да бидат потврдени со дијагноза. Сега сето тоа е измешано. Пациентите што немаат корона, но имаат различно заболување, бараат различен третман.
Што ќе се случи наесен или во зима ако истовремено „повторно се разбуди“ ковид-19 и се појави и грипот?
– Ќе има многу проблеми. Постојат некои мислења дека ова би довело до рекомбинација на вируси, но тоа не е точно затоа што тие се сосема различни вируси. Здравствените установи ќе треба да прават многу серолошки тестови да видат што е во прашање. Секогаш се штеди на тие тестови на антиген, но тоа не смее да се случи. Треба да се има предвид дека клиничката слика кај ковид-19 и кај грип не е иста.
Светските истражувања покажуваат дека овој вирус се пренесува и преку воздухот, со оглед на тоа што има многумина што тврдат дека не биле во контакт со заразени лица, а се разболеле.
Колку има вистина во тоа?
– Од самиот почеток, ми беше чудно колку многу луѓе се заразиле толку брзо. Се сеќавам дека велев: „Значи да се бакнувавме и да плукавме еден на друг, немаше да биде вака“. Ако некој што е заразен кивне пред друго лице, тој му ги пренесува малите и големите капки од вирусот на тоа лице. Ако кивне, а нема никој пред него, вирусот се лепи на површина што е пред него, на пример на мебелот. Вирусот останува, доколку следната личност што доаѓа притоа ја допре заразената површина потоа ги допире очите, носот или устата автоматски се заразува. Вирусот се суши кога ќе падне на површината. Ако некој помине покрај таа површина или ја избрише прашината, тој може да го „крене“ вирусот во воздухот, лицето да го вдиши, а тој потоа ја започнува својата репродукција во организмот. Затоа, експертите во лабораторијата го сушат вирусот за да го задржат подолго време. Кога исушениот вирус доаѓа во контакт со влажна околина, како што е респираторниот тракт, тој оживува. Поради сево ова, важно е луѓето да носат правилно маски, а не да ги вадат и да ги носат во рацете и повторно да ги стават. На тој начин е можно да го добиеме вирусот.
Има мислење дека ширењето на короната се должи и на масовно присуство на луѓе на натпреварите, како и поради одржувањето на изборите. Каква е вашата позиција за тоа?
– Да не се лажеме, имаше изборната кампања, се одржуваа митинзи низ цела Србија, а состојбата со вирусот се чуваше во тајност. Фудбалските и тениските натпревари придонесоа за поголем контакт меѓу луѓето. Сè околу нас е поврзано со сè. Ништо не треба да се исклучува како можност што придонесе за ширење на вирусот, но научните докази се важни.
Дали биле направени погрешни чекори што би предизвикале разгорување на вирусот?
– Добро е што голем број луѓе се тестирани. Некои од нив беа позитивни. Тие рекоа дека 80 проценти од тие луѓе немале клиничка слика, така што не можат да стават во болница лице без клиничка слика на овој вирус. Ги пуштаат дома, а потоа тие пациенти ги заразуваат своите домашни, соседи и пријатели со кои се дружеле затоа што не признавале дека се заразени од короната.
Во моментов работите ли на проект што ќе ги открие тајните на вирусот?
– Поканета сум на еден проект каде што се утврдуваат сите примероци на домашни и диви животни што се користат за јадење. Ова е важно затоа што има вируси на корона што ги напаѓаат кокошките, мисирките и луѓето се принудени да уништуваат цели фарми кога ќе се појави таков вирус..