Може ли ниската стапка на инфекции од коронавирус да биде припишана на културата, генетиката и на носењето маски? Или е комбинација од сите три?
Дали социјалното дистанцирање кое е дел од тајландската култура, односно навиката за поздравување со наклон наместо со прегрнување, го спречи ширењето на коронавирусот? Дали раното воведување на носењето маски, во комбинација со здравствениот систем го ублажи ефектот од вирусот? Дали тоа беше навиката на Тајланѓаните да поминуваат време на отворено или нивното општо здравје? Дали постои генетска компонента која ги прави Тајланѓаните и другите долж реката Меконг поотпорни на коронавирусот? Или тоа е алхемија на овие фактори што ја штити државата со популација со 70 милиони, се прашува „Њујорк тајмс“.
Едно е сигурно. И покрај напливот на странски посетители на почетокот на годинава од држави погодени од коронавирусот, Тајланд забележа 3.249 заразени и 58 смртни случаи. А веќе нема локална трансмисија на вирусот околу седум недели.
Ниската стапка на инфекција се чини дека е заедничка и за другите држави во Југоисточна Азија низ кои поминува реката Меконг. Виетнам не забележа смртен случај, ниту локално ширење на вирусот во изминатите три месеци. Мјанмар има шестмина починати и 341 случај, Камбоџа 171 заразен, а Лаос 19.
– Не мислам дека во прашање се само имунитетот и генетиката. Постои поврзаност и со културата. Тајланѓаните немаат контакт при поздравување. Ова важи за сите држави во регионот на Меконг – вели доктор Тависин Висанујотин.
Тајланд во јануари го потврди првиот светски случај на коронавирус надвор од Кина. Стануваше збор за турист од Вухан каде што изби заразата. А другиот бран на инфекции беше покренат од луѓето кои доаѓаа од Јапонија, Европа и од САД. Но, по карантинот воведен во март, стивнаа локалните инфекции, со што последните случаи се увезени. Тајланд, сепак, им дозволи на мал број на странци да се вратат во државата, додека бројот на спроведени тестирања останува низок.