ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (14)

Овошје за кое многумина мислат дека е зеленчук, тркалезно, црвено и неопходно за летна салата. Можеби ви е чудно, но тој е од иста фамилија со компирот, пиперката и модриот патлиџан. Содржи манган, железо и бакар и многу витамин Ц, обично се јаде зрел, но во туршија се става зелен. Има сорти и со жолта боја, тој е омилена овошка моја. Прочитајте ја песничката во продолжение за да откриете за што се работи.

И навистина летото не е лето без домат, како што пицата не ја бидува без кечап, но многу јадења не можат да се замислат без доматот како сок, како доматно пире, како зачин оти доматот може да се приготви на илјада и еден начин. Нивната сезона доаѓа и веќе сите можеме да уживаме во мирисот и вкусот на доматите. А барем додека трае сезонава бонбоните можете слободно да ги замените со црешовидните црвени доматчиња. Доматот кај нас во Македонија најмногу се одгледува во струмичкиот регион каде што го нарекуваат френка, а надалеку се познати сортите јабучар и воловско срце. Со јадењето домати добиваме поздрава и затегната кожа, организмот ни се прочистува од штетни материи и имаме подобро исфрлање на течностите од организмот. Затоа јадете домати додека има. На здравје.


Домат

Благодарам чичко Матиоли
ти градинару драг
што во Јужна Америка го откри
плодот крупен, црвен и благ.

Ацтеките први го припитомиле
замислете Шпанците го донеле
во Европа, преку океан,
а денес јас го јадам
на трети кат во мојот стан.

Тој толку е богат со витамин Ц,
со железо и со бакар
без разлика дали е овошје или зеленчук,
јас најмногу доматот го сакам.

Французите го нарекуваат љубовно јаболко,
Германците пак – велат јаболко рајско
и нека речат, како што ќе речат,
ама лето без домат е како пица без кечап.