Иако американскиот претседател Доналд Трамп признава дека тој не е лекар, долго време е убеден во неговите научни таленти, а пандемијата на коронавирус му даде уникатна можност да ги тестира неговите теории.
Неделава тој шокираше со објавата дека зема хидроксихлорохин како превентива против ковид-19.
Иако Трамп рече дека слушнал многу добри работи за овој лек против маларија, регулаторното тело на САД не го одобри за употреба против коронавирусот. Напротив, од таму предупредија дека лекот може да биде штетен, дури и опасен.
Тој исто така ја вџаши професионалната јавност минатиот месец кога на прес-конференција посочи дека средства за дезинфекција, кои убиваат вируси на површините, може да се инјектираат во крвта на заразените и суспектни пациенти за да ги „прочистат“.
Следниот ден, Трамп тврдеше дека само бил саркастичен и ги провоцирал новинарите.
Теориите на Трамп во врска со науката одат широко и длабоко.
Тој ја презира обновливата енергија и тврди дека турбините на ветерниците предизвикуваат карцином. За време на затемнувањето на сонцето во 2017 година, тој ги игнорираше советите на лекарите и гледаше во сонцето директно, без заштитни очила.
Своето самопрогласено длабоко сфаќање на работите го препишува на „добрите гени“, особено од неговиот „супергенијален“ чичко Џон Трамп, признат американски научник кој предавал на МИТ.
– Јас навистина ги сакам тие работи, навистина ги разбирам – рече претседателот во март за време на посетата на истражувачки лаборатории.
„Секој од тие доктори ми рече, како знаете толку многу за сево ова“, тврдеше тој подоцна.
„Можеби сум природно способен. Можеби требаше да работам во таа сфера наместо да се кандидирам за претседател“, посочи тогаш Трамп.