Кинез, кој бил киднапиран кога имал 2 години, 32 години подоцна со помош на полицијата ги пронајде своите биолошки родители.
Мао Јин во 1988 година имал две години кога го киднапирале пред хотел во градот Ксиан, соопшти локалната полиција. Момчето било продадено на еден брачен пар без деца во соседната покраина Сечуан, кои го одгледале како сопствено дето.
Тој вчера конечно ги сретна своите биолошки родители. Неговата мајка Ли Јингжи, на државната телевизија ЦЦТВ раскажа дека по исчезнувањето на нејзиниот син таа го напуштила своето работно место и безуспешно поделила над 100.000 флаери за неговото киднапирање.
Во април годинава, полицијата добила повик дека еден маж во Сечуан, за време на 1980-те години купил дете. Преку техника за препознавање на лица, негови стари фотографии од малиот Мао Јин биле споредени со националната база на податоци со фотографии и лични документи.
Тие влегле во трага на Мао Јин во Сечуан, каде тој водел продавница за внатрешно уредување. Со ДНК тест е потврдено дека е киднапираното дете. Пораснал без да знае дека бил киднапиран и сега веќе не сака да ги напушти своите биолошки родители, со нив сака да живее.
Последните десет години кинеската полиција помогнала 6300 киднапирани деца да си ги пронајдат биолошките родители, со помош на ДНК тестови, пренесе новинската агенција „Нова Кина“.
Киднапирањето на деца во Кина беа честа појава во текот на 1980-те години, кога се спроведуваше политика на едно дете по семејство и кога порасна побарувачката за машки деца.