Цели паралелки од основни и средни училишта се пријавувале дека немаат смарт уред за следење на настава од дома преку Интернет, откри министерот за образование, Арбер Адеми.
Тој вели дека според министерството тие бројки не се реални, а податоци за социјално загорзени семејства обезбедиле од Министерството за труд и социјална политика.
Адеми кажа и дека се разгледува можноста за пролонгирање на уписот во прво одделение поради вонредната состојба, која оневозможува на родителите да им се издадат потврди од здравствени установи, потребни за упис.
– Ние обезбедивме податоци од Министерството за труд и социјална политика за обезбедување на бесплатен интернет. Повеќе од 18.400 социјално загрозени семејства, а кои имаат деца со статус на ученик ќе добијат бесплатен интернет по 10 гигабајти, секој месец. Имавме побарано информации и податоци од училиштата за тоа колку деца немаат ИТ уред, но за жал, тие бројки не се баш реални според нашето мислење, бидејќи се пријавиле цели класови дека немаат ИТ уред, смарт телефон, таблет или лап-топ. Така што, со потенцијалните донатори и последниот донатор кој низ општините ги распредели ИТ уредите, разговаравме за социјално-загрозените семејства, каде градоначалниците ќе треба да распределат околу 3.000 таблети. Со ова се ублажува бројот на тие деца кои немаат современ ИТ уред со кој би ја следеле наставата односно, учењето од далечина – рече Адеми.
Веќе на следната седница на Владата, министерот Адеми очекува да се разгледа планот направен од страна на министерството за тоа како да се реализира наставата до крајот на годината, но и пролонгирање на уписот во основно образование.
– Уписите на првачињата започнуваат во мај и се реализираат до септември. Но оваа година, поради вонредната состојба и услови, кои наложуваат ограничување на движењето на граѓаните, размислуваме тие да започнат во јуни. Јас најавив дека работиме на утврдување на конкретен образовен план, со сет мерки кои ќе се преземат во следниот период. Очекувам на следната седница на Владата тој план да се разгледа, а една од мерките е и пролонгирање на уписот на првачињата од мај во јуни имајќи предвид дека новиот Закон за основно образование предвидува дека родителите треба да достават и потврда за задолжителни примени вакцини и извршен стоматолошки и офталмолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа – соопшти Адеми.