Сомнежите на одредени НБА-скаути придонесоа најталентираниот европски кошаркар Лука Дончиќ да заврши во Далас Маверикс, откако беше трет избор на драфтот од страна на Атланта хокс, за веднаш да биде разменет во клубот од Тексас, за петтиот пик Треј Јанг и за избор на драфтот идната година.
Познавачите на кошарката првобитно сметаа дека деветнаесетгодишниот словенечки репрезентативец би можел да биде прв пик, но скаутите изразија недоверба за неговите физички способности, играта во одбрана, како и за темпераментот.
Магазинот И-ес-пи-ен, сепак, ги вброи маверикс меѓу победниците од драфтот, со образложение оти Дончиќ ќе се вклопи совршено во офанзивниот систем на тренерот Рик Карлајл и во модерната НБА-кошарка. Талентираниот бек, познат како „чудото од дете“, ќе добие можност да игра заедно со еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња Дирк Новицки во Далас.
– Среќен сум што сум во НБА-лигата. Имав повеќе поранешни НБА-кошаркари за соиграчи. Играв против повеќемина кошаркари кои настапувале во НБА. Разговарав и со бројни НБА-ѕвезди изминавата година, бидејќи знаеја дека доаѓам. Затоа мислам дека сум подготвен – кажа Дончиќ по драфтот.
Дончиќ беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Евролигата (најмлад со ова признание во престижното натпреварување), како и на фајналфорот на кој стигна до трофејот со Реал Мадрид сезонава, додека стана и европски првак со репрезентацијата на Словенија летоска.
Феникс санс се одлучија за центарот Деандре Ејтон како прв избор, Сакраменто кингс го селектираа крилниот центар Марвин Бегли на втората позиција, додека крилниот центар Џерен Џексон помладиот беше четврти пик од Мемфис гризлис.