Германскиот фудбалски клуб Локомотив Лајпциг, кој моментно игра во четвртото по квалитет првенство на Германија, во Регионалната лига североисток, продал повеќе од 100.000 влезници за натпревар против „невидлив“ противник, и покрај тоа што просечната посетеност на неговите дуели во лигата е околу 3.000 гледачи, пишува „Би-би-си“.
Клубот ги продава влезниците по едно евро, а мечот е закажан за 8 мај. Со акцијата планираат да се справат со финансискиот притисок, кој е последица на суспензијата на фудбалот поради пандемијата на коронавирусот. Локомотив Лајпциг првпат станал првак на Германија во 1903 година, под тогашното име ВФБ Лајпциг.
Кампањата за овој настан клубот ја почна на 19 март и негова цел е да продаде 120.000 билети, колку што од клубот тврдат дека присуствувале на полуфиналето во Купот на победниците на куповите (КПК) против францускиот Бордо, во 1987 година. Нивната најголема посетеност сезонава на нивниот стадион била 4.498 гледачи против Енерги Котбус, а нивниот просечен приход од продадени билети по меч е околу 30.000 евра. Портпаролот на клубот за „Би-би-си“ изјавил дека тоа што го планираат за 8 мај, сепак, останува тајна.
– Од стадионот ќе се пренесува во живо, ќе се вклучат рефлекторите и нашите радиокоментатори ќе работат на натпреварот. Собраните пари ќе се користат за одржување на клубот оти имаме 300 млади фудбалери, а треба да се плати персоналот и да се грижиме за објектите. Повеќе не можам да ви кажам во овој миг – рекол клупскиот портпарол.
Локомотив Лајпциг има 126-годишна традиција и од 1960 до 1980 година редовно играл во европските натпреварувања. Особено за паметење е настапот во КПК во 1987 година, кога во финалето бил поразен со 0-1 од холандски Ајакс, а единствениот гол го постигнал славниот Марко ван Бастен.