Властите во Еквадор почнаа да ги складираат телата на починатите од коронавирус во големи ладилници, откако бројот на смртни случаи во Гвајакил, средиштето на заразата во јужноамериканската држава, ги исполни капацитетите на болниците и мртовечниците, пренесува „Ројтерс“.
Еквадор има потврдени 3.465 заразени и 172 смртни случаи според податоците на „Ворлдометер“, со што е меѓу најпогодените држави во Латинска Америка. Но, претседателот Ленин Морено предупреди дека бројот на случаи веројатно е поголем, додека властите собираат повеќе од 100 тела дневно, во ситуација кога строгиот карантин забранува организирање на погреб.
Властите поставија три ладилници од кои најголемиот е со должина од 12 метри, во болниците, за чување на телата додека не бидат создадени услови за закоп, според градоначалничката на Гвајакил, Синтија Витери. Досега 150 луѓе беа закопани на приватните гробишта во градот.
Персоналот на болницата „Теодоро Малдонадо Карбо“, носејќи заштитна опрема, се погрижил за транспорт на телата до ладилниците, според тврдењата на фотограф на „Ројтерс“.
– Пандемијата ги надминува нашите капацитети – соопшти болницата.
Владата најави активирање на нов дигитален систем што ќе им овозможи на семејствата да дознаат каде се закопани нивните најблиски, а планирано е поставување на „специјален камп“ за починатите.
Потпретседателот Ото Соненхолзнер јавно се извини откако беа забележани неколку тела оставени на улиците на Гвајакил, во изјава што ја пренесе „Франс прес“.
– Видовме глетки што никогаш не требаше да се случат и јас како ваш јавен службеник ви се извинувам – кажа Соненхолзнер кој ги предводи напорите на Еквадор за справување со пандемијата.
Претседателот Морено истакна оти стравува дека бројот на смртни случаи во Гвајакил и околината „би можел да достигне 3.500“.